Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави видео во кое несмасно се обиде да го поправи неговиот гаф од владината седница. Нетанјаху за време на вчерашната владина седница, британскиот премиер Борис Џонсон го нарече Борис Елцин, поранешниот руски претседател кој почина во 2007 година, пренесе „Гардијан“.

– Само што се вратив од пријатно патување во Лондон, каде се сретнав со премиерот Борис Елцин и американскиот министер за одбрана – рекол Нетанјаху.

Мининстрите во Владата брзо реагирале, на што Нетанјаху ја признал грешката и се оправдал со тоа што сакал да ги провери неговите колеги дали го следат за време на седницата.

Во официјалното видео од седницата, гафот на Нетанјаху е избришан и се слуша само делот кај што вели Борис Џонсон.

Израелските медиуми пренесуваат дека ова не е негов прв гаф што го направил за време на официјални средби, цитирајќи негови зборови од минатата година, кога за време на посетата на Азербејџан, земјата ја помешал со Авганистан.