Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го назначи лидерот на Сино-белите, Бени Ганц, за министер за правда во сегашната привремена влада, објавија локалните медиуми.

Во вторникот вечерта Израелскиот висок суд го замрзна обидот на Нетанјаху да го назначи членот на Ликуд и министер за регионална соработка, Офир Акунис, за министер за правда.

Нетанјаху во изјавата наведе дека неговиот договор да го назначи Ганц е излез од ќорсокакот иако смета дека може да ја брани својата правна позиција.

Во изјавата објавена во „Џерусалим пост“, Нетанјаху рече дека има детални правни аргументи за спротивставување на тврдењата на Високиот суд и на јавниот обвинител Авичај Манделблит, кој рече дека предлогот за назначување на Акунис претставува кршење на законот.

Местото министер за правда е испразнето веќе четири недели. Ганц претходно ја извршуваше функцијата на привремена основа во траење на три месеци, која заврши на почетокот на април, а Нетанјаху не сакаше да го препушти министерството во рацете на својот партнер во власта.

– Ние го следевме нашиот завет дека ќе го запреме планот на Биби и ќе продолжиме да ја штитиме демократијата – рекоа од партијата „Сино и бело“ во изјавата.