Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека денешното отворање на американската амбасада во Ерусалим во Израел ќе се помни со генерации и воедно му се заблагодари на „храбриот“ американски претседател Доналд Трамп.

– Ова е голем ден. Голем ден за Ерусалим. Голем ден за државата Израел. Ден, кој ќе биде врежан во нашето национално помнење со генерации, порача Нетанјаху на церемонијата на отворање на Амбасадата.

Тој му се заблагодари на Трамп за храброста да го одржи ветувањето и да ја премести Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим. Нетанјаху го заврши говорот со тоа што Ерусалим го нарече „вечна неделива престолнина на Израел“.

На отворањето, во име на Трамп, беа присутни неговата ќерка и зет Иванка Трамп и Џеред Кушнер, обајцата високи советници во Белата куќа, како и американскиот министер за финансии Стивен Мнучин.

Кушнер изрази надеж дека ќе биде постигнат мир на Блискиот исток, но палестинските демонстранти на границата на Појасот Газа со Израел ги оквалификува како оние кои ги уриваат неговите напори за обезбедување мировен договор.

– Како што видовме од минатомесечните протести, па дури и денешните, тие кои предизвикуваат насилство се дел од проблемот, а не дел од решението.

Кушнер изјави дека „патувањето кон мирот започнало со тоа што силната Америка го признала она што е вистина“.

– Денешниот историски настан му се припишува на визијата, храброста и моралната јасност на еден човек на кого му должиме многу и кому сме вечно благодарни – Претседателот Доналд Трамп, изјави американскиот амбасадор Дејвид Фридмен, чија изјава беше пречекана со овации од присутните.

Во снимената порака од Трамп, емитувана на церемонијата на отворање на Амбасадата, американскиот претседател изјави дека и натаму е посветен на мирот меѓу Израелците и Палестинците.

– Наша најголема надеж е мирот. САД остануваат целосно посветени на овозможување траен мировен договор. САД секогаш ќе бидат голем пријател на Израел и партнер во стремежите за слобода и мир, порача Трамп во снимената видео-порака.

Иванка ја откри плочата на ѕидот на зградата, која ќе служи како привремен дом на американската амбасада во Ерусалим.

– Во име на 45-от претседател на САД, ви посакуваме официјално добредојде, по првпат во амбасадата на САД, тука во Ерусалим, престолнината на Израел, изјави Иванка Трамп, која е и висока советничка во Белата куќа.

Церемонијата се одвива во момент кога Палестинците одржуваат масовни протести на границата на Појасот Газа со Израел, во кои загинаа најмалку 41 Палестинец.