Израелската владејачка партија Ликуд денеска одржува примарни внатрешни избори, при што ветеранот Гидеон Саар се надева дека ќе го смени премиерот Бенјамин Нетанјаху од лидерската функција во партијата, откако тој мина повеќе од една деценија на власт.

Саар тврди дека ќе биде во подобра позиција да формира влада по парламентарните избори во март, бидејќи Нетанјаху не успеа да го стори тоа во два наврати годинава.

И покрај тоа што е засенет од обвиненија за корупција, Нетанјаху сè уште е популарен кај членовите на Ликуд, партија која имала само четворица лидери од основањето во 70-тите години на минатиот век.

Се очекува актуелниот премиер да оствари лесна победа над Саар, со што ќе се засили неговата позиција пред претстојните избори.

Сепак, Саар, кој има поддршка на неколку пратеници на Ликуд, може да има корист од слабиот одѕив на партиските членови на гласањето.

Ако победи, тој би можел да стане кандидат на Ликуд за премиер по изборите во март.

Гласањето завршува во 23 часот, а првите резултати ќе бидат објавени утре наутро.