Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го извести претседателот Рувен Ривлин дека му го враќа мандатот бидејќи не успеал да формира влада. Ривлин му довери мандат на Нетанјаху да формира влада по парламентарните избори на 17 септември.

-Кога го добив мандатот, работев неуморно да формирам широка влада со национално единство. Тоа го сака народот – порача Нетанјаху преку видеоснимка на Фејсбук.

Тој додаде дека напорите да го доведе Ганц на преговарачка маса и да спречи уште едни избори не вродиле со плод бидејќи лидерот на сојузот на партиите на центарот „Сино бело“ постојано го одбивал тоа.

Претседателот Ривлин соопшти дека планира да го задолжи Ганц, поранешниот началник на Генералштабот, да се обиде да формира владејачка коалиција. На располагање ќе има 28 дена.