Виктор Орбан (лево) и Емануел Макрон

Францускиот и унгарскиот лидер до неодамна ги кршеа копјата околу иднината на ЕУ. Сега имаат заедничка цел

Автори: Золтан Шимон и Хелена Фуке

Блумберг

Кога непријателите на еден бунтовен лидер на Европа формираат сојуз, тогаш истиот тој треба да најде нови моќни пријатели. Унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано се однесуваше со непочитување кон ЕУ, која го критикуваше за кронизам и го наруши владеењето на правото во неговата држава. Но со невообичаен сојуз со францускиот претседател Емануел Макрон, можеби токму Орбан ќе биде силата која ќе ја промени насоката на ЕУ.

Кога станува збор каков пристап да се има кон Русија на Владимир Путин и САД на Доналд Трамп, двајцата делат заеднички став. Ваквите односи можеби ќе бидат од клучно значење оваа година кога Велика Британија ќе го напушти блокот, а ќе се повлече германската канцеларка Ангела Меркел која беше мост меѓу Истокот и Западот.

Всушност, промената на сојузите се заканува да му даде поголем политички простор на Орбан. Тој се соочува со можно исклучување од Европската народна партија (ЕПП) која е најголема партија во Европскиот парламент, откако поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск го презеде лидерството и вети дека ќе ги отстрани сите популисти. ЕПП наредниот месец ќе гласа дали да го отстрани Орбан од партијата Фидес, но можеби таквата изолација нема многу да го чини.

– Орбан и Макрон можеби се на спротивниот крај на политичкиот спектар, но двајцата сакаат да се стави крај статус-квото. Сега во Европа се актуализира сојузот меѓу Орбан и Макрон – изјави Даниел Хегедус, висок соработник во германскиот Маршалов фонд во Берлин.

Орбан, кој е антидоселенички поборник за „нелиберална демократија“, и Макрон, кој сака да стане лидер на континентот, се гласноговорници за две многу различни визии за Европа. Сепак, јасна беше сликата за пријателството што го покажаа во октомври кога Орбан беше примен од почесната стража во Елисејската палата во Париз. Беше планиран едночасовен состанок, но на крајот траеше повеќе од два часа.

Ова е сосема поразлично од почетокот кога Макрон ја презеде претседателската функција. Во текот на неговата претседателска кампања во 2017 година, тој ги критикуваше популистите како Орбан зашто ја користеле ЕУ како таа да е „супермаркет“, со тоа што ги црпеле нејзините фондови, а не ги исполнувале своите демократски обврски.

Макрон исто така ја изостави Будимпешта од првата турнеја низ Источна Европа и го промени неговиот амбасадор во Унгарија откако претходниот ги нарече политиките на Орбан „модел“ за Европа. Орбан (56) го нарече Макрон (42) „ново дете“ кое не ја познава политиката во тој регион.

Кога Орбан се сретна со италијанскиот националист Матео Салвини, една година подоцна, во август, Макрон изјави дека „се во право што го гледаат како нивен главен противник“. Неколку недели подоцна тој побара од Европскиот парламент да го цензурира Орбан како прв чекор во борбата против „нелибералите“ во регионот.
Лани се случи промена на интересите бидејќи Макрон сакаше да го прошири сојузот на континентот. Летото во Европскиот парламент во Брисел се склучија договори далеку од окото на јавноста за да се зачува правото на националните лидери да изберат европски шеф, отфрлајќи го изборот на ЕПП за претседател на Европската комисија.

Советниците на Орбан најдоа заеднички ставови за едно од најголемите прашања со кои се соочува Европа, меѓу кои и справувањето со односите со Русија и со САД. Унгарскиот лидер одамна апелираше за затоплување на односите со Путин наспроти противењата на ЕУ.

За Макрон, новиот сојуз зборува за промена во неговата тактика за Европа. Тој не го користи пристапот „ние против нив“ за да се соочи со она што Меркел и Туск го нарекуваат сили на темнината.

Францускиот претседател ќе го испрати министерот за надворешни работи во неколку источноевропски земји на почетокот од годинава. Тој бара да се зајакнат политиките за заштита на животната средина и да се натераат земјите од шенген-зоната да прифатат поголем број на мигранти или ќе се соочат со негативни реакции во регионот.

– Можеби имаат различни ставови, но двајцата се свесни дека ЕУ треба да има пообединет пристап во односите со Кина, Русија или САД – изјави Јудит Варга, унгарската министерка за правда, во интервју за германскиот весник „Велт“ минатиот месец.

Двајцата политичари покажаа дека знаат да ја искористат политичката шанса. Двајцата го решија домашното статус-кво и сега сакаат да го наметнат своето влијание надвор. Кога Орбан прво дојде на власт во 1998 година, тој беше млад лидер со нови идеи, кој ја претставуваше новата Европа откако пред неполна деценија се стави крај на Студената војна. Кога Макрон ја формираше новата партија за да ја освои француската претседателска функција, тој доби слични пофалби дека ќе биде оној кој ќе ја оттргне европската политика од национализмот што се заканува да ја наруши ЕУ.
Прашањето е како во равенката ќе се вклопи друг вешт политичар. Туск, поранешниот полски премиер и претседател на Европскиот совет, ја води ЕПП да се бори за политичкиот центар. Тој во жестокиот говор во Загреб, во ноември, побара од членките да го отфрлат популизмот, што всушност се сфати како ултиматум до Орбан.

Партијата Фидес на Орбан веќе доби суспензија во март поради непочитувањето на либералната демократија и додворувањето на ултрадесничарските лидери. Макрон, чија партија не е дел од ЕПП, тогаш ја критикуваше партијата дека не постапила строго со Орбан.

ЕПП побара тројца „мудреци“ да направат процена за Фидес, а извештајот беше доставен до Туск, како што во петокот пренесе унгарскиот весник „Непсава“. Орбан изјави дека ќе ја напушти ЕПП пред да биде донесена официјална одлука за отстранување. Ричард Јангс, аналитичар од Мадрид во европскиот институт „Карнеги“, вели дека „прашањето со Орбан и со ЕПП е дел од многу поголема борба за моќ и влијание во ЕУ, во која Макрон е главниот што ги влече конците“.

Превод: Билјана Здравковска