Унгарскиот премиер Виктор Орбан може да смета дека протестите против неговата влада ќе стивнат, исто како и во претходните случаи, пренесува „Блумберг“.

Неколку илјади незадоволни граѓани протестираа во Будимпешта изминатиот викенд поради т.н. „робовладетелски закон“ според кој работодавачите ќе можат да бараат до 400 часа прекувремена работа годишно, од нивните вработени.

Но, излезеноста на протестите се намалува, по еден месец откако првобитно почнаа со обединување на противниците на Орбан, кои повикуваа на ставање крај на владеењето на унгарскиот премиер. Бројноста на демонстрациите во Будимпешта во саботата, се намали, додека сообраќајот беше блокиран во знак на протест во неколку други унгарски градови.

Ваквата ситуација ја доведува во прашање и способноста на синдикатите да организираат прв генерален штрајк во Унгарија во последните 30 години, ако власта одбие да го повлече спорниот закон.

– Се чини дека протестите стивнуваат и тешко е да се одреди што би довело до напредок – вели Атила Јухаж, аналитичар од истражувачкиот институт „Политикал капитал“ од Будимпешта.

Поддршката за партијата на Орбан, Фидез, опадна од декември минатата година, според одредени анкети, но таа и натаму е голема колку и вкупната поддршка на сите опозициони партии заедно.

Владата на Орбан смета дека спорниот закон е неопходен поради недостигот на работна снага, предизвикан од иселувањето на младите и од стареењето на популација во Унгарија.