Владата на португалскиот премиер Антонио Коста се соочува со сериозни обвиненија за непотизам

Деновиве во нашата земја се води голема расправа во врска со непотизмот и семејните врски и вработувања во јавните институции. Но, и во светот има повеќе примери и ситуации во кои се појавуваат фамилијарни врски и поврзаности на фунционери и политичари кои работат на јавни позиции. Како најпознат таков пример може да се посочат ќерката на претседателот на САД, Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер кои од почекот на мандатот на Доналд Трамп, работат во Белата Куќа.

Според пишувањата на магазинот „Политико“, најновиот скандал за семејни врски и вработувања во власта сега ја тресе Португалија. Во минатонеделната реконструкција на португалската влада, кабинетот во сегашниот состав има еден брачен пар, како и татко и ќерка кои работат заедно, поради што опозицијата во земјата изнесе обвинувања за непотизам.

Контроверзите кои ја разнишаа малцинската влада на Социјалистите во Португалија која минатата недела преживеа гласање за недоверба поради неодамнешниот бран на протести во јавниот сектор, се во време пред општите избори закажани за октомври.

Новиот состав на владата на премиерот Антонио Коста сега вклучува двајца министри кои се сопружници, министерот за внатрешни работи Едуардо Кабрита и неговата сопруга која е министерка за поморство во склоп на министерството за транспорт и врски, Ана Паула Виторино. Исто така, се појавија и негодувања во јавноста поради назначувањето на министерката за администрација Мариана Виеира да Силва која е ќерка на министерот за труд Хозе Антонио Виеира да Силва.

Скандалот беше интересен за јавноста неколку недели, но доби поголемо значење вчера, кога шпанскиот весник „Ел Паис“ објави сторија за неодамнешните назначувања во португалскиот владин кабинет, откако опозицијата силно ја критикуваше кадровската политика на владата.

Семејните врски и вработувања во владата на Португалија не се само во врвот. Според португалскиот лист „Жорнал Економико“, 27 луѓе кои се семејно поврзани еден со друг, или со високи претставници на Социјалистичката партија, се вработени или биле вработени во јавни институции за време додека премиерот Коста бил на власт.

Дополнително, сопругата на новоназначениот министер за инфраструктура на Португалија е шеф на кабинетот на секретарот за парламентарни работи, Дуарте Кордеиро. Во меѓувреме, сопругата на Кордеиро, претходно годинава, е номинирана да раководи со еден државен фонд.

Иако претходно во Португалија имаше индиции дека постојат непотизам и семејни вработувања во власта, неделава медумите во земјата успеаја да откријат и нови вакви случаи. Како што информираше вчера весникот „Кориеро да Мања“, државниот секретар Кордеиро откако ја вработил сопругата на министерот за инфраструктура како шеф на неговиот кабинет, сега вработил и син на пратеник од неговата Социјалистичка партија како негов советник.

Останува да видиме како една земја членка на ЕУ ќе се справи со непотизмот кој наводно, според португалските медиуми, е всаден во повеќе нивоа на државните институции. П.С.