Правникот Бартоло Фуентес е еден од иницијаторите за покренување на маршот на мигрантите кој се движи од Хондурас кон САД, благодарение на ветување кое никогаш не беше дадено, пренесува „Њујорк пост“.

Фуентес во септември почна со координирање на илјадниците жители на Хондурас што сакаат да избегаат од државата, поради тамошните проблеми со сиромаштија и насилство. Иницијалниот број на бегалците бил 200, а сега надминал седум илјади.

Бројноста на караванот се зголемила откако локална телевизиска станица известила за движењето, спомнувајќи ја наводната „помош“ од Фуентес. Во телевизискиот извештај било напоменато дека Фуентес, наводно, ќе ги плати трошоците за храна и транспорт на мигрантите, што тој потоа го негираше.

Илјадници, сепак, решија да ја искористат шансата, со што трошоците за криумчарење на луѓе надвор од Хондурас изнесуваат до седум илјади долари.

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека караванот е покренат од политичарите во Хондурас, нарекувајќи го „напад на САД“. Тој се закани со намалување на финансирањето на странската помош за Ел Салвадор, Гватемала и за Хондурас, бидејќи одбиваат да го запрат движењето на бегалците.

Мигрантите стигнаа до јужно Мексико, на околу две илјади километри од Тексас. Фуентес беше заедно со нив до Гватемала, каде што беше притворен, а потоа и депортиран во Хондурас.

– Ова е битка помеѓу власта и оние кои сакаат да се борат – за слобода и за подобра држава во која ќе живеат – порача Фуентес.

Бартоло Фуентес