Германското индустриско производство неочекувано падна во октомври, покажаа денеска објавените официјални податоци, надоврзувајќи се на назнаките за запирање на растот на најголемата европска економија во четвртото тромесечје.

Индустриското производство во октомври падна 0,5 отсто во однос на претходниот месец кога според ревидираните податоци на министерството за економија и енергетика пораснало за скромни 0,1 отсто.

Аналитичарите кои ги анкетираше Ројтерс, очекуваа раст на производството во октомври за 0,3 отсто.

Податоците на министерството покажуваат пад на активностите во преработувачката индустрија, како и во енергетскиот и градежниот сектор.

Во министерството сметаат дека падот на производството е поради застојот во регистрацијата на нови автомобили поради воведените построги стандарди околу загадувањето.

Дополнителен проблем за германската индустрија се и трговските конфликти околу царините меѓу САД од една страна и Кина и ЕУ од друга страна.

Застојот во регистрирањето на нови возила постепено се решава, па индустријата во последните два месеца оваа година би требало за забележи закрепнување, проценуваат во министерството.

Оптимизам влеваат и вчера објавените податоци на министерството кои сигнализираат на силна странска побарувачка за германски индустриски производи. Така новите индустриски нарачки во октомври неочекувано пораснале за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, кога речиси стагнираа.

Посебно силно порасна побарувачката од странство, за 2,9 отсто, предводена од скокот на нови нарачки од еврозоната за 7,3 отсто.

Бројките покажуваат дека извозот, сепак, би можел да биде поткрепа на најголемата европска економија, без оглед на глобалните трговски превирања, напомнува Ројтерс.