Најголемиот дел од производството на вакцината на „Фајзер“ веќе го резервираа богатите држави

Странските медиуми веќе пишуваат дека кога ќе пристигне вакцината, веројатно ќе следуваат „хаотични месеци“, со многу отворени прашања. Едни од дилемите се колку е ефикасна и безбедна вакцината, колку дози ќе се обезбедат, но и кој треба да се вакцинира меѓу првите. Засега фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“, производители на вакцината што е 90 отсто ефикасна во заштитата од вирусот, велат дека ќе има доволно дози само за една седмина од светското население

Како ќе се одвива дистрибуцијата на ограничениот број вакцини против коронавирусот произведена од фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“, која е 90 отсто ефикасна во заштитата од вирусот, со оглед на тоа што засега, според најавите, ќе има доволно само за една седмина од светското население? Оваа дилема деновиве се актуализира во светската јавност откако излезе веста на производителите на вакцината, кои посочија дека тие до крајот на оваа година може да произведат единствено 50 милиони дози, односно 1,3 милијарда примероци од вакцината во следната 2021 година. Со оглед на желбата животот да се врати во нормала, ќе има неверојатно голема побарувачка за овие дози, но и големи проблеми за земјите во развој, пишува британски „Гардијан“. Како што наведува магазинот, некои влади во светот, меѓу кои и оние на богатите земји, како САД, В. Британија, Канада, Австралија и други, веќе резервираа најмалку 500 милиони дози од вакцината, но она што е неизвесно сега е како ќе се одвива распределбата на вакцината за посиромашните држави.
„Гардијан“ посочува дека за време на пандемијата на свински грип во 2009 година ваквите договори на владите со фармацевтските компании во тоа време се искористија до тој степен што мнозинството производители на вакцини не беа во можност да обезбедат десет отсто од резервите на вакцини за агенциите на Обединетите нации (ОН) токму поради нивните претходни обврски кон договорите со богатите држави.

Во таа насока, медиумот посочува дека не е нов „национализмот на вакцини“, односно динамиката што се забележува оваа година, кога нациите се залагаа за личниот интерес наспроти светското општо добро.
– Земјите со ниски и средни економии лобираа за еднаквост во пристапот до лекарства и вакцини со години, затоа што тие се добро запознаени со пазарните договори на кои се потпираат светските здравствени договори со кои се фаворизираат влади со длабоки џебови. Богатите држави секогаш први ќе имаат право на пристап до вакцините. Токму затоа јавно-приватното здравствено партнерство ГАВИ, фондацијата ЦЕПИ и Светската здравствена организација го формираа системот „Ковакс“ на почетокот од оваа година како поддршка за еднаква дистрибуција на вакцината против ковид-19 – наведува „Гардијан“. Според магазинот, системот „Ковакс“ треба да им овозможи на сите држави пристап до вакцината, без разлика на финансискиот статус на земјата.
Сепак, ветувачката вакцина на „Фајзер“ не е во моментов дел од „Ковакс“ (иако постои еден вид „изразен интерес за можна набавка“). Иако ГАВИ има склучено договори за набавка на девет можни кандидати за вакцина, вклучувајќи ја надежната на „Астра Зенека“ во соработка со Оксфорд, очигледниот успех на вакцината на „Фајзер“ поттикнува подлабоки прашања за тоа колку ќе бидат достапни успешните вакцини за државите со ниски и средни економии.

Дури и „Ковакс“ да преговара сега со „Фајзер“, не е јасно колку вакцини ќе бидат достапни за остатокот од светот, со оглед на тоа што најголем дел од резервите веќе е резервиран.
Во исто време остануваат неодговорени и клучните прашања, меѓу кои и тоа како ќе се распределуваат дозите купени преку напредните договори за набавка, кој ќе ги добие првите серии и како ќе се делат преостанатите? Паралелно на ова, додека богатите држави се борат која прва да застане во редот, треба да се постави и прашањето како „Ковакс“ ќе може да им ја обезбеди вакцината на здравствените работници што се борат во првите борбени линии со вирусот во најсиромашните земји.
Во тој контекст, британски „Гардијан“ истакнува дека е важно тоа што оваа вакцина не е и единствената, затоа што во трета фаза од тестирањето се влезени уште десет кандидати. Во рок од 24 часа од соопштението на „Фајзер“, руската влада истакна дека и нејзината вакцина „спутник 5“ е исто така над 90 отсто ефикасна. Кина слично претстави вакцини за итна употреба на нејзините водечки кандидатки на доброволна основа. Некои политички коментатори трката за вакцини ја идентификуваа со трката за вселената, но не треба да се оди во застарени аналогии од Студената војна.

Прво, таквата анализа, како што посочува, магазинот ја изоставува клучната улога на некои од државите со средни приходи во развојот на вакцините, како Бразил и Индија, каде што се наоѓаат некои од водечките биотехнолошки фирми и производители. Второ, постои разлика меѓу државно финансираните кандидати за вакцини (Русија и Кина) и оние на мултинационалните корпорации како „Фајзер“ и „Астра Зенека“. Трето, вистинската трка не е за тоа кој ги произведува вакцините, туку кој ќе има пристап до нив кога ќе бидат готови. За жал, иако со актуелната пандемија стана јасно дека секој зависи од секого во светот, се чини дека посиромашните држави повторно ќе бидат заборавени.