Гласини дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун доживеал клиничка смрт и е во кома по операцискиот зафат ги преплавија социјалните медиуми. Дали Ким се наоѓа во смртна опасност или едноставно се одмора по успешната операција? Никој не знае со сигурност што всушност се случува во Северна Кореја, пренесува „Форин полиси“.

На 16 ноември 1986 година во Северна Кореја, податоци од биографијата на тогашниот лидер Ким Ил-сунг, кој е дедо на Ким Јонг-ун, беа прочитани пред почетокот на вестите, а знамето во демилитаризираната зона беше спуштено на половина копје. Никој не знаеше што точно се случува, а Ким Ил-сунг беше прогласен за мртов. Бунилото траеше до 18 ноември, кога Ким беше забележан додека се ракува со монголската делегација во Пјонгјанг. Вестите за неговата смрт биле неточни.

Ким Ил-сунг

Слична ситуација се случи во понеделникот, откако медиумот „Дејли Норт Кориа“ пренесе дека Ким Јонг-ун, се опоравува по извршената операција. И Си-ен-ен, повикувајќи се на разузнавачки извори, пренесе дека Ким се наоѓа во смртна опасност по операцијата. Веднаш потоа, гласините дека тој е во кома, дека доживеал клиничка смрт или дека заболел од ковид-19 ги преплавија социјалните медиуми. Ситуацијата ќе остане непозната сѐ додека не бидат објавени официјални информации од Пјонгјанг. 

Единствениот познат податок е дека Ким не присуствуваше на најважниот празник на нацијата, Денот на сонцето, на кој на 15 април се одбележува роденденот на основачот на земјата и нејзин вечен претседател, Ким Ил-сунг. 

– Тешко е да се протолкува што всушност се случува во Северна Кореја, бидејќи тие имаат модели според кои ние создаваме одредени очекувања од наша страна. Очекувавме дека Ким ќе се појави на годишнината од роденденот на неговиот дедо, и кога тоа не се случи, па шпекулациите почнаа да се шират – вели Џон Делури, професор по источноазиски студии на Универзитетот „Јонсеи“ во Сеул.

Кина и Јужна Кореја ги негираа шпекулациите дека лидерот е сериозно болен.

– Ништо не може да се потврди во врска со здравјето на севернокорејскиот лидер – изјави Канг Минк-сеук, портпарол од претседателската канцеларија на Јужна Кореја.

Но, за многумина, приказната не е целосно неоснована и не треба веднаш да се отфрли. Ким, за кој се верува дека има 36 години, не е во добра физичка форма, тој е страствен пушач, а според индексите за тежина и екстремно дебел. Земени предвид, овие информации укажуваат дека постои можност оти тој бил подложен на операциски зафат. 

– Според информациите кои протекоа периодов, голема е веројатноста дека тој навистина бил подлежен на операција, но не би рекол дека е во смртна опасност – изјави Го Мјонг-хјун, истражувач за почитички студии.

Мјонг-хјун спомена дека во Северна Кореја нема некое поголемо движење на војската, ниту некаков голем неред. Сето тоа укажува дека ништо необично не се случува во земјата. Сепак, голем број експерти се претпазливи на ситуацијата и се прашуваат што би се случило доколку Ким почине?

– Доколку Ким почине, Северна Кореја ќе помине низ период на транзиција, која нема да биде нестабилна – вели Мјонг-хјун. 

Во Северна Кореја има имплицитен консензус дека само Ким од истата династија може да ја води земјата, а навистина популарнма е сестрата на Јонг-ун, Ким Јо-јонг. Таа во последно време е политички поактивна, а ја ужива и целосната доверба на Јонг-ун. Сепак, аналитичарите велат дека Северна Кореја не е подготвена да биде водена од жена. 

– Идеалниот лидер мора да биде маж бидејќи Северна Кореа е многу шовинистичка земја. Мислам дека таа ќе стои на чело на земјата сѐ додека не најдат некој соодветен за таа позиција, што мислам дека ќе биде Ким Јонг-чул, притаениот брат на Јонг-ун – вели Мјонг-хјун. 

Факт е дека сѐ уште никој не може да потврди, ниту да негира ништо од информациите кои кружат по социјалните медиуми. Кога почина Ким Јонг-ил, беа потребни два дена за Северна Кореја да ја објави веста. Ваквата тишина можеби значи нешто, а можеби не.