Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф вчера оствари кратка и ненајавена посета на самитот на Г7 во Франција, пренесува „Би-би-си“.

Тој присуствуваше на неформалните разговори во приморскиот град Бијариц, каде што се собрани светските лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп.

Според извештаите, американската делегација била изненадена од неговата посета, која се случува во време на зголемени тензии со Иран.

Зариф на својот профил на Твитер напиша дека водел „конструктивни“ разговори со неговиот француски колега и францускиот претседател.

– Патот кој претстои е тежок. Но, вреди да се обидеме – објави тој синоќа.

Зариф исто така во петокот, во пресрет на самитот, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз.

Односите помеѓу Иран и САД се влошија откако минатата година Вашингтон се повлече од договорот од 2015 година за ограничување на нуклеарните активности на Иран.

Пет други држави, вклучувајќи ја и Франција, го почитуваат договорот, но Иран започна да ја засилува својата нуклеарна активност како одговор на американското воведување и заострувањето на економските санкции против нив.