Немири избувнаа во јужниот шведски град Малме. Повеќе од 300 луѓе излегле на протест по акцијата на екстремно десничарските активисти коишто го запалиле Куранот, соопшти полицијата.

Бунтовниците синоќа запалиле огнови и со разни предмети фрлале кон полицијата и припадниците на спасувачките служби. Неколкумина полицајци се полесно повредени, а околу 15 лица се приведени.

Насилството следи по палењето на Куранот вчера попладне во близина на населба со мигранти, што било направено од активисти на екстремната десница. Тие тоа го снимиле и го објавиле на интернет, пренесува агенцијата ТТ.

Дневниот весник „Афтонбладет“ објави дека вчера имало неколку антиисламски активности во Малме, меѓу кои и тројца мажи кои го шутирале Куранот на јавен плоштад.

Полицијата соопшти дека тие биле уапсени под сомнение за поттикнување омраза кон една етничка група.