Украински авион со 179 патници и членови на екипажот се урна пет минути по полетувањето во близина на аеродромот „Имам Хомеини“ во иранскиот главен град Техеран. Нема преживеани во несреќата, којашто се случи неколку часа откако Иран изврши напади врз американски цели во Ирак.

Според иранските власти, до несреќата дошло поради технички проблеми. Спасувачки екипи веднаш биле испратени на подрачјето близу до аеродромот, каде што се урна авионот од типот Боинг 737 на „Украина Интернешнл ерлајнс“.

Авионот чија крајна дестинација била украинскиот главен град Киев, по падот веднаш се запалил.Во авионот имало повеќе од 160 лица, но локалните медиуми известуваат дека бројката би можела да се искачи до 180.

„Авионот се урна пет минути по полетувањето“, изјави портпаролот на цивилната авијација, Реза Јафарзадех. Според неа, пилотот немал контакт со кулата и не пријавил никакви проблеми пред да се урне авионот.

Несреќата се случи неколку часа откако Иран изврши балистички ракетни напади насочени кон две бази во Ирак. Тоа, како што се наведува во Техеран, било одмазда за убиството на генералот на Револуционерната гарда Касем Сулејмани.

На социјалните мрежи се појави видео на кое може да се види авионот којшто гори во моментот кога паѓа на земјата.

„Флајтрадар“ објави дека авионот пристигнал нов во Украина во 2016 година и од тогаш бил ставен во служба.Компанијата „Боинг“ со месеци е мета на сериозни критики за проблемите кај патничките летала од верзијата „макс 737“. Ова е прва авионска несреќа во 2020 година. Лани во несреќи во авиосообраќајот животот го загубија 578 лица.