Конечниот биланс од авионската несреќа достигна 157 лица, од кои осум се членови на екипажот на авионот „боинг 737 макс 8“ на компанијата „Етиопиан ерлајнс“

Етиопските власти потврдија дека нема преживеани од авионската несреќа што се случи вчера, на околу 65 километри од престолнината Адис Абеба. Конечниот биланс достигна 157 лица, од кои осум се членови на екипажот на авионот „боинг 737 макс 8“ на компанијата „Етиопиан ерлајнс“. Меѓу патниците во авионот, кој се урнал непосредно по полетувањето кон Најроби, има државјани дури од 33 земји, пренесуваат светските агенции.

Авионот, кој полетал од аеродромот „Боле“ во Адис Абеба, изгубил контакт со контролната кула само неколку минути по полетувањето.
– Нема преживеани лица во авионот, кој превезуваше патници од 33 држави – изјави претставник на „Етиопиан ерлајнс“.

Според авиокомпанијата, авионот на летот ЕТ-302 се урнал во близината на градот Бишхофту. Засега нема информации за причините за уривањето на авионот, кој е дел од најновата серија летала на гигантот „Боинг“. Сепак, веб-сајтот за следење летови „Флајтрадар24“ на својот профил на Твитер објави дека авионот имал нестабилна вертикална брзина по полетувањето.

Авионите од серијата „737 макс 8“ се релативно нови, а првите летала беа пуштени во употреба во 2016 година. Компанијата „Етиопиан ерлајнс“ лани во јули ги додаде овие авиони во својата флота. Уште едно летало од овој модел беше дел од голема авионска катастрофа пред пет месеци, кога авион на „Лајон ер“ се урна во море во близината на Индонезија, при што загинаа речиси 190 лица.

„Етиопиан ерлајнс“ има летови до многу дестинации во Африка, поради што стана многу популарна авиокомпанија на континентот каде што многу од компаниите летаат само од нивните домашни земји до дестинации надвор од Африка. Компанијата има добро досие за безбедност, иако во 2010 година еден од нејзините авиони се урна во Средоземно Море непосредно по полетувањето од аеродромот во Бејрут. Во инцидентот животот го загубија 90 лица.

Компанијата „Етиопиан ерлајнс“ ќе остане запаметена и по големата несреќа од 1996 година, кога нејзин авион се урна по киднапирањето во текот на летот од Адис Абеба до Најроби. Несреќата се случи откако еден од моторите на авионот престанал да работи поради недостиг од гориво и иако пилотите се обидоа да извршат вонредно слетување на вода, леталото удри во корален гребен во Индиски Океан, при што загинаа 123 од 175 лица што биле во авионот.