Турските наставници повеќе нема да им даваат домашни задачи на учениците, а материјалот ќе се учи на час, изјави турскиот министер за образование Исмет Јилмаз, истакнувајќи дека старите практики немаат место во новиот начин на учење.

– Од сега натаму, ниеден наставник нема да дава домашна работа на учениците. Сакаме нашите ученици да се фокусираат повеќе на час и материјалот да ги научат уште на час – рече министерот.

Тој уште додаде дека учењето на памет, исто така, веќе нема да се применува во турските училишта.

– Старите методи на учење нема да се повторуваат. Сакаме учениците да можат да го применат во животот она што го учат на час. Во следниот период, ќе им обезбедиме на нашите деца образовен систем кој одговара на нашето време и живот. Од следната година нема да им се даваат никакви домашни задачи на учениците – истакна турскиот министер Јилмаз.