Новиот воен конфликт помеѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно-Карабах има потенцијал да се претвори во целосна војна, како што тоа се случи во 90-тите години на минатиот век. Тоа е големиот заборавен конфликт за време на распадот на Советскиот Сојуз, односно војната од 1992 до 1994 година, која остави најмалку 20.000 мртви, а предизвика и еден милион раселеници и етничко чистење, пренесува „Фореин полиси“.

Досега, САД и Русија имаа значајна улога во долготрајните и залудни обиди за изнаоѓање на трајно решение во врска со областа Нагорно-Карабах. За САД, од една страна играат улога Американците од ерменско потекло, кои претставуваат умерена но влијателна лобистичка група, додека пак, Азербејџан инвестираше многу во американските нафтени компании.

Со цел да задржи посилна позиција во преговорите и да избегне обвинувања за агресија, Ерменија го задржа Нагорно-Карабах како независна република наместо да ја внесе во својата територија. Досега, речиси никој официјално не ја признал земјата која Ерменците ја нарекуват Република Арцах. 

Во теорија, двете страни во средината на 2000-тите дојдоа до некаква спогодба. Ерменија се откажа од периферијата на територијата што ја окупираше околу самата област Нагорно-Карабах, раселените луѓе се вратија во своите домови, а двете спротивставени страни и надворешните сили ги гарантираа правата на жителите на спорниот регион и на крајот статусот на областа беше решен. Но, Ерменија нема никаква желба да се откаже од својата контрола, а Азербејџан не се одрекннува од својата територија, особено затоа што национализмот игра клучна улога во одржувањето на лидерите на власт и во двете земји, додека двете страни силно се спротивставени на компромис.

Годинава, по крвавите пресметки долж границата на областа, за кои двете страни разменија меѓусебни обвинувања, политичарите почнаа да играат на националистичката карта дури и повеќе од вообичаено, особено во услови на стрес и економска криза предизвикан од пандемијата на коронавирусот.

Иако конфликтот веќе влезе во четвртиот ден, тешко е да се види Азербејџан како победник. Првичните размени на оган предизвикаа жртви и на двете страни, но исто така, ако може им се верува на ерменските воени снимки, азербејџанската страна претрпе многу поголеми материјални штети одколку ерменската.

– Ерменија ги држи високите предели, правејќи го азербејџанскиот напредок на планинската територија исклучително тежок. Проценките слабо ја рангираат и воената подготвеност на Азербејџан, чија армијата е корумпирана и неефикасна, со стапка на дезертерство близу 20 отсто. Добивката од нафта им донесе огромни инвестиции и нова опрема помеѓу 2008 и 2014 година, но падот на цените предизвика финансиска нестабилност среде политички немир и репресија, а на армијата ѝ недостасува обука за ефикасно користење на оружјето што го купи – пишува „Форин полиси“.

Русија и Иран понудија да посредуваат при преговори за да се стави крај на оваа најнова рунда на непријателства. Постои и голема загрижувачка можност за ширење на конфликтот. Досега Турција се изјасни во корист на Баку, благодарение на силните врски меѓу Азербејџанците и Турците и долгогодишниот антагонизам на Анкара кон Ерменците, кои постојано го поставуваат прашањето за сè уште негираниот турски геноцид од 1915 година. 

Најверојатно сценарио во новонастанатиот конфликт ќе биде крвава и војна од релативно мали размери, проследена со потпишувањето на уште еден мировен договор кој нема да реши ништо. Според досегашните списоци на жртви, повеќето од убиените не биле ни родени кога конфликтот меѓу двете земји бил започнат, заклучува „Форин полиси“.