Не се наѕира крајот на ерупцијата на вулканот на Ла Палма, која, откако започна пред околу еден месец, предизвика хаос на тој шпански остров, рече претседателот на Канарските Острови.

Во неделата сеизмичката активност беше почувствувана 42 пати на островот, а најсилниот земјотрес, според шпанскиот Национален географски институт, беше 4,3 степени по Рихтер.

– Засега нема знаци дека ерупциите се при крај, иако тоа е желба на сите нас – рече претседателот Ангел Виктор Торес, повикувајќи се на изјави и проценки на научниците.

Откако еруптира вулканот на Ла Палма на 19 септември, реките од лава опустошија повеќе од 742 хектари земја и уништија речиси 2.000 станбени згради. На вулканската активност ѝ претходеше умерена, но многу честа сеизмичка активност.

Околу 7.000 луѓе се евакуирани од своите домови на островот досега. На Ла Палма живеат околу 83.000 жители.

Единствената добра вест во целата оваа приказна е дека нема човечки жртви. Но, островот се промени засекогаш. Досега од вулканот излегоа 80 милиони кубни метри лава, која проголта многу домови и уништи многу претпријатија. Прекрасниот туристички скапоцен камен на тој начин е променет засекогаш, пишува весникот „Ел Паис“.