Покрај Ајфеловата кула или низ Латинскиот кварт во Париз, од денес повеќе нема брзо возење, бидејќи ограничувањето на брзината од 30 километри на час стапи на сила на речиси сите улици во „градот на светлината“.

Најновата иницијатива е дел од напорите на француската престолнина за борба против климатските промени и промена на односот на граѓаните кон нивните возила, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“.

Градските власти велат дека целта е исто така да се намали бројот на сообраќајни несреќи и да се направи Париз попријатен за пешаците. Анкетите покажуваат дека повеќето парижани ја поддржуваат оваа идеја, особено со надеж дека ќе ги направи улиците побезбедни и потивки. Сепак, новата одлука налути дел од возачите, а добавувачите велат дека ќе го продолжат времето на чекање за клиентите.

Постојат исклучоци од новото правило што важат за неколку широки авении, вклучувајќи ги познатите Елисејски полиња и обиколницата околу главниот град на Франција.