Хаиќаните што загубија сѐ најдоа засолниште на каливо фудбалско игралиште

Стотици луѓе живеат во имровизирано прифатилиште составено од шатори на главниот фудбалски стадион во Ле Кај, по разорниот земјтрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди Хаити. Теренот во третиот по големина град во островската држава е претворен во кал, откако невреме со силен дожд го потопи јужниот брег на Хаити.

– Спиевме во водата. Не гледаме крај на оваа ситуација, бидејќи немаме каде да живееме и не знаеме кога ќе заминеме – вели 27-годишната Чарлин Џабрум, која заедно со својата тригодишна ќерка седеше под големо шаторско платно покрај уште 16 луѓе.

На присутните на стадионот им беа поделени намирници од организациите за хуманитарна помош, но Џабрум вели дека помошта не стигнала до неа, исто како и до другите жени. Тие тврдат дека мажите во кампот се тепаат за да ги разграбаат намирниците веднаш по нивното пристигнување.

Во кампот нема водовод, а поставени се само два преносливи тоалети. Згора, ѓубрето се трупа, додека можноста за ширење на ковид-19 исто така предизвикува загриженост. Присутните продолжуваат да копаат дупки во теренот, правејќи импровизирани засолништва, со што се истакнува отсуството на ред, контрола и организација во кампот.

Пристанишниот град Ле Кај кој има нешто повеќе од 100 илјади жители беше силно погоден од земјотресот. Поголемиот дел од двете илјади смртни случаи пријавени од владата на Хаити беа забележани во градот и неговата околина.

Според податоците на Обединетите нации, 61 илјада куќи на Хаити беа уништени во потресот, а 76 илјади живеалишта беа оштетени.