Авганистан сигурно е еден од најбогатите региони со традиционални
благородни метали потребни за економиите во 21 век

Во 2010 година, американските геолози откриле дека Авганистан, кој се наоѓа на крстосницата на Средна и Јужна Азија, лежи на резерви на минерали, со чија експлоатација може драстично да ја промени нејзината економска иднина.
Резервите на минерали, како железо, бакар и злато, се распоредени низ целата територија, а можно е во Авганистан да се наоѓа едно од најголемите светски наоѓалишта на литиум, кој е потребен за полнење на батериите и за други технологии што се важни за решавање на климатските промени.
– Авганистан сигурно е еден од регионите што се најбогати со традиционални благородни метали, но и со метали што се потребни за економијата во 21 век – изјави Род Скуноувер, научник, основач на „Еколоџикал фјучурс груп“.
Дали наративот пласиран во јавноста за „безбедносните ризици, недостигот од инфраструктура и сушите“ го спречи вадењето на највредните минерали додека таму беше присутна американската војска или тоа беше само пласирана „приказна за мали деца“? Може ли новите талибански власти да го искористат овој потенцијал во божемски „една од најсиромашните земји во светот“? Дали е ова само една фингирана и фризирана изјава, засега никој не може да потврди.
Меѓутоа, факт е дека со заминувањето на војската на САД, сега постои невиден интерес за искористување на рудните богатства да се вклучат Кина, Пакистан и Индија, кои би инвестирале и покрај неизвесноста во Авганистан.
Во последната публикација на Светската банка се наведува дека авганистанската економија е кревка и зависна од помош. Развојот и диверзификацијата на приватниот сектор се ограничени од несигурноста, политичката нестабилност, слабите институции, несоодветната инфраструктура, широкораспространетата корупција и влошеното деловно опкружување, се оцените на Светската банка.

Авганистан, поради слабата власт, не може да ги искористи природните потенцијали, а со тоа трпат и населението и домашната економија. Откритијата за авганистанските минерални богатства, направени врз претходните истражувања спроведени од Советскиот Сојуз, имаат извонредно голем потенцијал. Побарувачката за металите, како литиум и кобалт, и некои ретки елементи, како неодиум, е сѐ поголема поради плановите за преориентирање на електрични автомобили и други чисти технологии, за да се намали емисијата на јаглерод.
Меѓународната агенција за енергија соопшти дека глобалните резерви на литиум, бакар, никел, кобалт и други ретки метали треба да се зголемат или светот нема да успее во обидот за решавање на климатската криза.
Кина, Демократска Република Конго и Австралија остваруваат 75 отсто од глобалното производство на литиум, кобалт и слични ретки метали. Просечниот електричен автомобил користи шест пати повеќе минерали од конвенционалниот автомобил. Литиумот, никелот и кобалтот се важни за батериите. Електричните мрежи бараат големи количества бакар и алуминиум.
Американската влада располага со процени дека наоѓалиштата на литиум во Авганистан се еднакви на тие во Боливија, каде што се наоѓаат најголемите светски резерви.

Поголемиот дел од рудното богатство во Авганистан остана во земја – изјави Мосин Кан, соработник во Атлантскиот совет и поранешен директор за Блискиот Исток и Средна Азија во Меѓународниот монетарен фонд.
Периодот за подготовка на експлоатацијата на литиум е долг. Потребни се околу 16 години од откривањето на лежиштето до почетокот на производството на рудникот. Искористувањето на минералите во Авганистан генерира приходи од милијарда долари годишно. Од 30 до 40 отсто се извлекува преку корупцијата, но постои можност талибанците да ја искористат својата моќ за развој на рударството.
Кина, која е светски лидер во рударството на ретки метали, изјави дека „одржала контакт и комуникација со авганистанските талибанци“.
– Кина започнува значајна програма за развој на зелена енергија. Литиумот и другите ретки метали засега се незаменливи поради својата густина и физички својства. Овие минерали влијаат на нивните долгорочни планови – изјави Скуноувер.
Тој предупредува дека доколку рударството не се одвива внимателно, може да има еколошки последици. Дали Пекинг ќе биде скептичен кон партнерството во потфатите со талибанците, наскоро ќе следува одговор.