Шпионскиот скандал со софтверот „Пегаз“ ја зафати и Унгарија

Некои работи не се дискутираат по телефон. Ова мислење важи во Унгарија, судејќи според извештаите за користење на шпионски софтвер за прислушување на телефоните на критичарите на унгарската влада, пишува „Политико“.

Откритието за користење на софтверот „Пегаз“ на израелската компанија „НСО“ за шпионирање на новинари, активисти и политички неистомисленици во повеќе држави предизвика глобален скандал, но не ги изненади критичарите на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тие во изминатите неколку години се жалат за наметливите тактики користени против нив, истакнувајќи ги сомнежите за тајни прислушувања и за надзор.

– Мислам дека никој во Унгарија не е изненаден од ваквиот скандал – вели поранешниот унгарски министер за образование Балинт Маѓар.

Истрагата во медиумите откри дека софтверот „Пегаз“ бил користен за шпионирање на телефоните на истакнати унгарски истражувачки новинари, меѓу другите. А протечените податоци покажуваат дека цели на хакирањето биле и адвокати, бизнисмени и одреден градоначалник. Загриженоста за целење кон критичарите на унгарската власт се јави уште пред парламентарните избори во 2018 година кога невладините организации поврзани со Џорџ Сорос, кој е жесток критичар на Орбан, биле контактирани од агенти кои користеле лажни идентитети, тајно снимајќи ги разговорите.

Во пишаниот одговор кон опозициски пратеник, унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер соопшти дека безбедносните служби не извршувале нелегално прислушување од доаѓањето на сегашната влада на власт во 2010 година. Министерката за правда Јудит Варга не потврди дека Унгарија го купила софтверот „Пегаз“, но во интервју кажа дека „на државите им се потребни слични напредни технологии“.

Засега нема назнаки дека Европската комисија ќе реагира во врска со унгарскиот скандал со шпионирањето, освен изразените критики.