Две прашливи села во сириската пустина се сѐ што преостана од некогаш пространата територија која Исламската држава (ИД) ја нарекуваше нејзин „Калифат“ (беше со приближна големина на Велика Британија), додека се чини дека комплетниот пораз на милитантната група е неминовен, според американските и курдските официјални лица, пренесува „Вашингтон пост“.

Неколку стотици тврдокорни борци на ИД одлучија да не се предаваат до самиот крај, во селата Марашида и Бакуз Фавкани на брегот на реката Еуфрат, на неколку километри од ирачката граница во југоисточна Сирија. Со сириската армија на другата страна од реката, групата притисната од Сириските демократски сили поддржани од САД, е сведена на парче земја со површина од околу 15 квадратни километри.

Познавачите на состојбата проценуваат дека е прашање на недели или можеби на денови пред да биде ставен крај на присуството на ИД во Сирија и во Ирак. Завршницата на четири и полгодишната војна ќе го забрза прашањето за повлекувањето на САД од Сирија, наредено од претседателот Доналд Трамп, за кое уште не е одреден точниот рок. 

– Кога во прашање е контрола на територијата, крајот се ближи, но тие ќе продолжат да се регрупираат и ќе се обидат да создадат невообичаени околности, како што можевме да забележиме во изминатите две недели – вели полковникот Шон Рајан, кој е гласноговорник на американската армија од Багдад. 

Повод за тврдењата на полковникот претставуваше неодамнешниот напад на бомбаш-самоубиец во сириски Манџиб во кој загинаа 20 луѓе, меѓу кои четворица Американци. Нападот уследи по три години од напуштањето на таа територија од страна на ИД.

Во упориштата на ИД се наоѓаат некои од најпосветените екстремисти, кои останаа на боиштето, и покрај можностите за нивно предавање или бегство, па може да се очекува дека ќе се борат до самиот крај. 

– Верувам дека во наредниот месец официјално ќе го означиме крајот на военото присуство на т.н. калифат на теренот – порача Мазлум Комани, командирот на Сириските демократски сили.

Се претпоставува дека меѓу преостанатите милитанти има високи лидери на ИД и познати терористи, според Зана Амеди, гласноговорничката на курската милиција.