Илустрација: Економист

Кога Емануел Макрон ќе погледне под новогодишната елка годинава, тој ќе види дека Дедо Мраз му оставил невообичаено голем, бескав и необично обликуван подарок. Наречете го тоа „година во подарок“, бидејќи 2022 му носи двоен предизвик. Во првите шест месеци од новата година, Франција ќе управува со ротирачкото претседателство со Европската Унија. А господинот Макрон исто така се очекува да води кампања за реизбор на претседателската функција во април, пишува „Економист“.

– Да ја води Европа, што несомнено ќе биде прикажано и дома, а истовремено и Франција, звучи како остварување на неговата фантазија. За другите Европејци, подарокот за претседателот, како труба-играчка би можел да се испостави бучен, непредвидлив и заморен – наведува британскиот магазин.

Ова не е прв случај во кој ротирачкото претседателство со ЕУ се совпаѓа со француските избори, но Макрон нема да дозволи процесот да ги разниша неговите амбиции. Ќе има самити за Африка, за новиот европски модел за раст и за Западниот Балкан. Целта, како што посочи Макрон, е создавање на Европа „моќна во светот, потполно суверена, слободна во нејзините избори и господар на сопствената судбина“. И ништо помалку од тоа. Се прелажаа оние што мислеа дека Макрон можеби ќе отстапи од неговата голема визија.

Претседателскиот подарок носи ризици. Додека Макрон води кампања низ Франција, а домашните медиуми го ословуваат како „претседателот на Европа“, политичките ривали ќе се жалат на нефер кампања. Додека ги турка проектите, како реформите за фискалните прописи на ЕУ, другите држави, пак, би можеле да се сомневаат во Франција.

Божиќниот подарок за Макрон, сепак, би можел да испадне баш според желбите на францускиот претседател. Успехот во Европа би можел да му помогне да обезбеди победа и во Франција. Но тие не се гарантирани. Францускиот претседател би можел да се најде и во ситуација во која ќе смета оти требал да побара само чорапи за Божиќ, заклучува „Економист“.