Европската комесарка за прашања од правосудството, потрошувачката и родовата рамноправност, Вера Јурова изјави дека независноста на судството е загрозена во источноевропските земји, како што се Бугарија, Унгарија, Полска и Романија, и предупреди дека тој тренд може штетно да влијае врз довербата меѓу земјите-членки на Унијата.

Јурова рече дека предизвиците за владеењето на правото во некои земји се зголемуваат и дека реформата на судството е поткопана од крајно политизирани дебати, пренесе „АП“.

Таа наведе дека граѓаните и компаниите во земјите, главно во Источна Европа, се загрижени дека расте политичкиот притисок и политичкото мешање и дека покрај тоа што спречува фер судење, такво нешто може да им наштети и на бизнисите.

– Ако во една земја не се почитува судскиот систем, влијанието ќе се почувствува низ цела ЕУ, бидејќи ние се потпираме на взаемната доверба – рече Јурова.