Конзервативната Демохристијанска унија (ЦДУ) на Меркел и нејзината сестринска партија од Баварија, Христијанско социјална унија (ЦСУ), заедно со центристичко-левичарската Социјалдемократска партија (СПД) заедно беа на власт во најголем дел во последните две децении, но многу Германци се подготвени за промени. Најновата анкета на „Политико“ покажува дека ЦДУ/ЦСУ има народна поддршка од 29 отсто, Зелените 18 отсто, а СПД има 16 отсто. Деловно ориентираната партија ФДП има рејтинг од 12 отсто, десничарската Алтернатива за Германија (АФД) има 10 отсто, додека германската Левица има седум отсто поддршка во анкетите.
Трите најпопуларни партии ги претставија своите кандидати што ќе се борат да ја наследат Меркел. ЦДУ го претстави Армин Лашет, СПД го кандидира Олаф Шолц, а Зелените на изборите ќе одат со колидерката Аналена Баербок. Со тоа што ниедна партија најверојатно нема да го добие апсолутното мнозинство на септемвриските избори, набљудувачите прогнозираат поделен Бундестаг што може да резултира со повеќемесечни коалициски преговори, кои ќе го забават политичкиот процес во Германија и во Европската Унија. По претходните парламентарни избори во 2017 година, процесот за именување на Владата траеше околу шест месеци. ЦДУ/ЦСУ, Зелените и ФДП се обидуваа да формираат коалиција, но преговорите пропаднаа поради идеолошките разлики. На крајот, ЦДУ/ЦСУ формира „широка коалиција“ со СПД.