Одбивањето на Алжирка да се ракува со машките официјални лица на церемонија за натурализација во Франција, претставуваше причина за да не ѝ биде доделено државјанство, одлучи францускиот суд, пренесува „Њујорк тајмс“.

Одбивањето за ракување „на место и момент што се симболични, покажуваат недостаток на асимилација“, се наведува во образложението на судот.

Станува збор за Алжирка што се омажила за француски државјанин во Алжир во 2010 година, а поднела барање за државјанство пет години подоцна. На церемонијата за натурализација во Гренобл во 2016 година, таа одбила да се ракува со двајца државни претставници, наведувајќи ги нејзините верски убедувања како причина. Во одлуката на судот не се наведува религијата на жената.

Одбиената Алжирка поднела жалба, но судот одреди дека одлуката останува на сила, „наведувајќи дека таа не ја ускратува нејзината верска слобода“.

Имаше слични случаи низ Европа во изминатите неколку години, со што беше одредено дека две момчиња од Сирија не можеле да одбијат да се ракуваат со нивните учители во Швајцарија, врз основа на нивната вера, исламот.

Во исламот постојат одредени верувања според кои не е дозволен физички контакт помеѓу спротивниот пол, со исклучок на членовите на семејството.