Ерменците и Азербејџанците во Нагорно-Карабах коегзистираа за време на Советскиот Сојуз. Но, конфликтот околу територијата експлодираше кон крајот на 80-тите години на минатиот век, оставајќи незараснати рани што по децении избувнаа одново, пренесува „Њујорк тајмс“. 

Изминатите две недели, раните одново се отворија, а со тоа дојдоа и куршумите, напади со дронови и артилериски бомбардирања, кои резултираа со бројни цивилни и воени загуби. Примирјето со посредство на Москва не успеа да се одржи, а претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, се закани со натамошна ескалација на неговата воена офанзива. 

За населението во Нагорно-Карабах, војната е продолжение на тешката борба за територијата и историјата, која се протега назад повеќе од еден век. Деновите кога  Азербејџанците и Ерменците претежно живееја заедно во мир и слога за време на Советскиот Сојуз, се чинат како неповратен, одамна изгубен свет.

– Секој вели дека е господар на оваа земја. Да се живее заедно е, едноставно, невозможно – рече Шахен Бабајанц, бегалец кој го напушти Азербејџан во 1989 година во Шарџик. 

Тој се населил во Ерменија, во село во кое тогаш живееле Азербејџанци. Околу 500.000 Азербејџанци биле протерани од таа територија, а повеќе од 200.000 биле принудени да ја напуштат Ерменија. Неколку години откако пристигнал, селото било бомбардирано од азербејџанските сили. Од сите места, токму азербејџанските гробишта биле погодени.

Со децении, меѓународните посредници бараа начин да ја вратат територијата на Азербејџан, притоа зачувувајќи ја безбедноста на Ерменците кои живеат во Нагорно-Карабах.

– Лекција од историјата е дека враќањето на тие територии не доаѓа предвид. За Азербејџан, загубатата на територијата е национална трагедија – смета Бабајанц.

Азербејџанците кои ги загубија своите домови во Ерменија и Нагорно-Карабах сочинуваат околу 10 отсто од населението во Азербејџан, и токму тие се најсилната поддршка за азербејџанскиот претседател Алиев и за неговиот воен поход. 

– Тие постојано вршеа притисок врз властите да им ги вратат домовите – изјави Аваз Хасанов, азербејџански застапник за мир, кој честопати води разговори со Ерменија и е посредник во конфликтот. 

Иако Азербејџан ја изгуби војната во 1994 година, постојаното растечко богатство добиено во последниве неколку години му овозможи на Алиев да ја вооружи својата војска со беспилотни летала и друго софистицирано оружје увезено од Израел, Русија и од Турција, што, според аналитичарите, ги надминува воените можности на Ерменија.

Честопати, причината за омразата се протераното население и убиените жители на помалите села, на двете страни. Историјата на насилство сега е причина за инсистирањето на Ерменија дека, секоја територијална отстапка на Азербејџан во и околу Нагорно-Карабах може да предизвика уништување на ерменското население кое уште живее таму. Низ историјата, многу Ерменци претрпеа етничко насилство од страна на Азербејџан и Турција за време на и по завршувањето на Првата светска војна. 

– Турција изврши геноцид врз Ерменците во 1915 година. Сега тие сакаат да ја завршат работата – вели Тигран Саакјан, чувар во ерменско училиште. 

Исто така, имаше и насилство од страна на Ерменците врз Азербејџанците, вклучително и убиство на стотици азербејџански цивили во 1992 година, во близина на градот Хоџали. Меѓусебното непријателство израсна генерации, кои се без спомени и сеќавања за заедничкиот живот со пријателски односи од минатото.

– Не можам да се сетам на други два народа во светот што се мразат толку колку што Ерменците и Азербејџанците се мразат меѓусебно – рече Сероб Смбатјан, кардиолог кој претходно служел војска во Нагорно-Карабах.

Томас де Вал, британски експерт за регионот, автор на книгата за Нагорно-Карабах, „Црна градина“, рече дека во најлошо сценарио, Азербејџан може да се обиде да ја заземе целата територија на Нагорно-Карабах, а не само ретконаселените околни територии кои претходно биле дом на Азербејџанците.

– Изгледа дека мирниот соживот во советско време беше илузија. Тие живееја заедно, но исто како да беа во паралелни светови – вели Де Вал.