На Шамима Бегум, британската тинејџерка која го напушти Лондон заедно со уште две соученички во 2015 година за да се приклучи на Исламската држава (ИД) во Сирија, ќе ѝ биде дозволено да се врати во Велика Британија за да го оспори одземањето на британското државјанство, според вчерашната судска одлука, пренесува Си-ен-ен.

На Бегум која сега има 20 години, ѝ беше одземено британското државјанство кога беше пронајдена во камп за бегалци во северна Сирија. Таа ја оспори ваквата одлука на 13 јуни 2019 година, но британската влада го одби нејзиното барање да се врати во Британија поради нејзината жалба.

Апелациониот суд вчера пресуди дека на Бегум треба да и биде дозволено враќањето во земјата. Судската одлука ја поздравија организациите за човекови права кои беа вклучени во случајот, а надлежните британски служби изразија разочарување, најавувајќи жалба.

Бегум моментно се наоѓа во камп кој го контролираат Сириските демократски сили. Додека беше во Сирија, Бегум се омажи за борец на ИД со кого имаше три деца, кои починаа.

Бегум од медиумите во Британија беше опишана како „лицето“ на Исламската држава, откако беше пронајдена во камп за бегалци во Сирија, а нејзината приказна стигна до јавноста. Таа пред четири години го напушти Обединетото Кралство со две пријателки за да им се приклучи на ИД, но потоа тврдеше дека била „само“ домаќинка и помошничка на својот сопруг. „Невестата на Исламската држава“ како што ја нарекуваа, поради заминувањето на боиштата во Сирија го загуби своето британско државјанство, со објаснение од надлежните дека „секој кој го поддржува тероризмот, мора да се соочи со последиците“.

Случајот на Бегум отвори многу нови прашања за активната улога на жените и нивното учество во насилниот екстремизам, без разлика дали како членови на ИД или други терористички групи. Кралскиот институт за безбедност на Велика Британија (РУСИ) соопшти дека 17 отсто од новите регути на екстремистичките групи во Африка се жени, додека други истражувања покажуваат дека 13 отсто од странските борци на ИД во Ирак и Сирија исто така се жени.

Според Би-би-си, улогите на жените во повеќе групи се различни. Во ал-Шабаб, кој се смета за африкански огранок на Ал Каеда, постојат податоци кои укажуваат на тоа дека нивните улоги се потрадиционални, како сопруги на борците и помошнички при домашните работи. Исто така, жените кои се дел од овие групации често пати се принудени да бидат и сексуални робинки.

Во ИД пак, жените начесто работат како регрутери на нови борци и како промотори на екстремистичките верувања на групите, најчесто преку Интернет. Дополнително, тие може да бидат и им е дозволено да работат како лекари и медицински сестри, но со одредени ограничувања. Групата има и посебна женска полиција која ја следи моралноста на сите „ИД-сопруги“.

Постојат случаи во кои жените се користат од раководството на организациите и како бомбаши-самоубици. Неофицијалните статистики пожауваат дека пет отсто од самоубиствените напади на терористичката ал-Шабаб во периодот од 2007 до 2017 година биле спроведени од жени.

Како и кај мажите, постојат различни причини поради кои жените се приклучуваат кон екстремистичките организации, а тие најчесто се силната идеолошка матрица и финансиските придобивки.