Сведочењето на Канаѓанец за наводните грозоморни злосторства кои тој тврдел дека ги извршил како џелат на Исламската држава (ИД) во Сирија, изнесени во подкастот на „Њујорк тајмс“ наречен „Калифат“, било измислено, соопштија американските власти, а пренесе американскиот весник. Гостинот на „Њујорк тајмс“ кој живее во Торонто, детално ги опишал наводните убиства, велејќи дека застрелал една од жртвите во главата, а друга пробол во срцето, пред нејзиното тело да биде закачено на крст. Тој опширно зборувал за сопственото придружување на религиозната полиција на ИД во Сирија и за присуствувањето на терористичка обука за напад врз Западот, вклучувајќи ја и Северна Америка. Канаѓанецот се присетил и како водечките луѓе на ИД имале визија за „нешто спектакуларно како терористичкиот напад на 11 септември“.

Но Шерози Чаудри, гостинот на подкастот емитуван во 2018 година, всушност бил писател кој осмислувал џихадистички приказни за убиствата кои ги извршувал за ИД во Сирија, сметаат канадските и американските власти.

Тие велат дека Чаудри не бил терорист и оти никогаш не отишол во Сирија, туку осмислувал грозоморни приказни во кои се претставувал како џелат на Исламската држава, откако избегал од Торонто во Лахор, Пакистан, каде што поминал неколку години живеејќи со неговите дедо и баба.

Деталните сведоштва на Чаудри кои тој ги кажал за повеќе медиуми предизвикаа политички превирања во Канада. Наградениот подкаст „Калифат“ предизвика остра реакција на јавноста кон канадскиот премиер Џастин Трудо, бидејќи неговата влада му дозволила на терорист слободно да живее во Торонто и покрај злосторствата кои Чаудри признал дека ги извршил во Сирија.

Тврдењата на Чаудри му создадоа правни проблеми. Во септември канадските власти го обвиниле за терористичка измама, која би можела да значи и петгодишна затворска казна ако тој биде осуден.

Канадските власти чија истрага за Чаудри траела речиси четири години соопштија дека се сигурни оти тој не влегол во Сирија и не се придружил на ИД, како и дека не ги почитил злосторствата што ги опишал. Американските власти ги поддржуваат таквите заклучоци, иако претходно се појавија контрадикторни информации, според кои било можно Чаудри да поминал краток период во Сирија.

Како резултат на истрагата „Њујорк тајмс“ објави дека подкастот не „бил доволно ригорозен“ и дека емисиите во кои се изнесени тврдењата на Чаудри не ги исполнуваат стандардите на весникот. „Њујорк тајмс“ подоцна открил недоследности во неговата приказна.

Денес, Чауди работи во сендвичарницата на неговото семејство која се наоѓа во трговски центар на предградие во близина на Торонто. Семејството Чаудри се преселило од Пакистан во Канада кога Шерози бил бебе. Тој во 2012 година се запишал на студии во Лахор, Пакистан, каде што поминал три и пол години, а во Канада се враќал за време на празниците. Тој одби да даде коментар за истрагата, но неговиот адвокат истакна дека Чаудри ќе го оспори обвинението за терористичка измама.