Вчерашното хакирање на корисничките сметки покажува колку се слаби нашите дигитални институции

Автор: Колм Квин

Форин полиси

Корисничките сметки на Твитер на истакнати бизнисмени и политичари вчера беа хакирани во најголемиот безбедносен упад во 14-годишното постоење на социјалната мрежа што отвори нов простор за дезинформациски кампањи. Во соопштението на својата веб-страна, „Твитер“ наведе дека хакирањето било предизвикано од „координиран напад со социјален инженеринг од страна на лица кои успешно целеле кон некои вработени со пристап до внатрешните системи и алатки“. Во соопштението се вели дека внатрешните системи на компанијата биле нападнати и дека нема виновни индивидуални корисници. Извештаите на „Вајс“ укажуваат дека можеби се работи за внатрешно дело.

За среќа, целта на хакерите повеќе била да се направи измама отколку саботажа. На корисничките сметки кои им пропаѓаа на бизнисмените како Џеф Безос и Бил Гејтс, како и на демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден и на поранешниот претседател Барак Обама, беа објавувани верзии на истата порака што всушност беше апел за „донации на сметка во криптовалути со можност за двојна заработка“.

Покрај тоа што овие кориснички сметки имаат милиони следбеници, се чини дека измамата успеа да убеди многумина. Околу 120.000 долари во биткоини биле собрани на хакерските сметки, според сознанијата на „Ројтерс“.

Беа забележани и други баналности. Со тоа што по нападот беа замрзнати сите „верификувани“ кориснички сметки, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти на помалку пријателскиот „Фејсбук“ дека го отпушта неговиот сегашен менаџер на кампањата за претседателските избори.

Дигитален свет, вистински последици

Иако фразата „Твитер не ја отсликува реалноста“ често се користи за да се критикуваат луѓето кои масовно ги користат социјалните медиуми, социјалната мрежа сепак има огромно влијание. Во 2013 година, хакер ја презеде контролата на корисничката сметка на Твитер на „Асошиејтед прес“ и напиша лажни објави за експлозии во Белата куќа. Објавата брзо беше избришана, но не пред да успее да ги измами трговските алгоритми и да предизвика брз пад на американската берза. Со оглед на тенденцијата на претседателот Трамп да ги диктира политиките преку Твитер, како и нивните ефекти во реалниот свет, среќна околност е што вчерашниот хакерски напад беше само за собирање пари.

Кој стои зад објавите на Твитер? Хакирањето се случи во тежок период за Твитер кој покрај тоа што е омилена алатка во јавноста и политички инструмент, сепак се бори да ги задржи обичните корисници. Компанијата престана да го објавува точниот број на корисници на платформата во 2019 година откако претходно бележеше неколку месечна загуба на кориснички сметки. Само 22 отсто од возрасните во САД изјавиле дека го користеле Твитер во 2019 година во споредба со 69 отсто кои посочија дека го користеле Фејсбук.

Превод: Билјана Здравковска