Украина денеска ја одбележува 34-годишнината од катастрофата во Чернобил, најтешката нуклеарна несреќа во историјата која погоди голем дел од Европа, а особено Украина, Белорусија и Русија, тогашни делови од советската република.

На 26 април 1986 година, во 1.23 часот, нуклеарниот реактор бр. 4 во централата во Чернобил, на околу 100 километри северно од Киев, експлодирал за време на испитувања за безбедност.

Нуклеарното гориво горело десетина дена, испуштајќи радиоактивни честички во атмосферата кои, според некои проценки, се рашириле над три четвртини од површината на Европа.

– На овој ден, со мислите сме со хероите кои ја спасија иднината од опасно зрачење – се вели во изјавата на претседателот Владимир Зеленски.

Тој изрази и длабока почит кон пожарникарите и другите служби кои се обидуваат да ја заштитат областа од нови природни непогоди.

Повеќе од илјада пожарникари беа распоредени за гаснење на пожарите во забранетата област околу Чернобил во неделата, на 34-годишнина од нуклеарната катастрофа.

Пожарите главно во ненаселената зона и во други делови на Украина беснеат во последните неколку недели поради силниот ветер и невообичаената суша по зимата која мина речиси без снег.

Службите се таму три недели, со цел да држат под контрола два пожари кои зафатија дрвја и грмушки, соопшти цивилната заштита.

Инаку, Москва прво сакала да ја скрие нуклеарната несреќата. Иако Шведска на 28 април издала предупредување за зголемување на радиоактивноста, советскиот претседател Михаил Горбачов решил да излезе во јавноста дури на 14 мај.

Речиси 350.000 луѓе биле евакуирани во радиус од 30 километри од центалата во текот на наредните неколку години.

Во четири години од несреќата, околу 600.000 советски експерти биле испратени на терен со мала или без никаква заштита, со цел да се изгради бетонска обвивка околу реакторот и да се исчисти околината.

Сè уште има расправа за човечките жртви како резултат на несреќата, а проценките се движат од 30.000 до 100.000 мртви.