Поради незадоволство од начинот на работа на колумбиската влада и усвојувањето на нови мерки, граѓаните на Колумбија веќе еден месец организираат протести кои преминаа во конфликт со армијата и полицијата.

Протестите, кои започнаа на 28 април против одлуката на владата да спроведе даночна реформа, што ќе вклучува зголемување на даноците, се претворија во крвава пресметка меѓу граѓаните од една страна и полицијата и војската од друга страна.
Колумбиската влада предложи зголемување на даночната стапка на платите, во која би биле вклучени граѓани чии месечни примања се движат од 680 долари и повеќе. Оваа одлука предизвика револт кај граѓаните кои започнаа демонстрации во главниот град Богота, а после тоа протестите се проширија и во другите градови.
Иако колумбискиот претседател, Иван Дјук, го повлече предлогот по неколку дена, граѓаните продолжија да се собираат на улиците незадоволни од работата на претседателот, ситуацијата во земјата и корупцијата што го уништува колумбиското општество. Министерот за финансии, Алберто Караскиле, поради притисокот од граѓаните се повлече од функцијата.

Откако полицијата и армијата ги задушија протестите во Богота, центарот за протести се пресели во градот Кали, каде во последните неколку дена се судрија стотици демонстранти и припадници на безбедносните сили. На последните протести во петокот, градоначалникот Хорхе Оспина објави дека загинале четири лица.

Иако одредени политички претставници повикуваат на мир, колумбискиот претседател нареди ново распоредување на полициски и воени сили во Кали. Дјук додаде дека повеќе од 7.000 војници ќе бидат распоредени во Кали, вклучително и припадници на морнарицата.
И покрај тоа што владата и организаторите на протестите постигнаа некаков договор за крај на демонстрациите, организаторите рекоа дека владата не ги почитувала деловите од договорот и дека протестите ќе продолжат.

– Додека владата не нѐ послуша, ние мора да останеме на улиците. Ако народот нема мир, нема да има ниту владата – рече еден од демонстрантите.

Колумбиската влада соопшти дека од 28 април на протестите загинаале 17 лица. Организациите за човекови права тврдат дека припадници на полициските сили убиле или сериозно повредиле десетици други граѓани.
Бројни светски официјални лица исто така проговорија за едномесечниот конфликт. Меѓу другото, државниот секретар на САД изрази загриженост за случувањата и ги повика двете страни на дијалог.