Новооткриен дел од имуниот систем на луѓето би можел да биде искористен за лекување на сите видови рак. Во истражувањето, преку лабораториските тестови на тимот од универзитетот „Кардиф“, е откриен начин за убивање на повеќе видови рак – на простата, на дојка и бели дробови. Најновите откритија сѐ уште не се тестирани на пациенти, но истражувачите истакнуваат дека тие имаат голем потенцијал. Експертите оценуваат дека и покрај тоа што истражувањето е во почетна фаза, сепак станува збор за многу интересен развој во ова поле од медицината, пренесува Би-би-си.

Нашиот имун систем, всушност, претставува природна одбрана на нашето тело против инфекциите, но исто така ги напаѓа и неканцерогените ќелии. Научниците досега се обидуваа да откријат неконвенционален и претходно непознат начин на кој имуниот систем ги напаѓа туморите. Па, така, тие ја открија т.н. Т-ќелија во крвта на луѓето, која всушност претставува имуна ќелија што може да го скенира телото за да оцени дали има закана што треба да биде елиминирана. Разликата со новооткриената ќелија е тоа што може да напаѓа широк спектар канцери.

– Постои реална шанса да се лекува секој пациент. Претходно никој не веруваше дека тоа е можно. Тоа ги зголемува шансите за третман што ќе одговара за сите типови рак, единствен вид Т-ќелија што би можела да ги уништи најразличните типови рак кај населението – изјави за Би-би-си професорот Ендрју Сивел.