Повеќе од два милиони деца, мажи и жени во Сомалија би можеле да умрат од глад до крајот на летото ако хуманитарната помош не стигне во оваа африканска држава погодена од суша, предупреди претставник на Обединетите нации за хуманитарна помош.

Генералниот потсекретар на ОН, Марк Лоукок, изјави дека за тоа се потребни околу 700 милиони долари. Тој наведе дека Фондот на ОН за брзи одговори издвоил 45 милиони долари за покривање на недостигот од храна во Сомалија, како и во делови на Кенија и Етиопија, кои исто така, се погодени од суша.

Според него, од 15 милиони Сомалијци, повеќе од три милиони едвај имаат храна да преживеат, а недостигот од храна е за околу 40 отсто поголем отколку во текот на зимата.

Ова лето е едно од најсушните во Сомалија во последните 35 години.

Хуманитарниот фонд на ОН за Сомалија е испразнет.