Во Москва денеска ќе се одржи воена парада по повод одбележувањето на 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека на Црвениот плоштад ќе учествуваат 14.000 лица и оти ќе бидат прикажани 200 воени возила единици и специјална опрема, како и 75 авиони.

Посетителите ќе можат да видат повеќе од 20 нови модели на воена опрема, вклучувајќи ги и авионите Су-57 и Миг-31К.

На прославата ќе бидат распоредени околу 6.000 полицајци, кои ќе се погрижат за безбедноста. Некои улици во Москва ќе бидат затворени за сообраќај од 5.30 часот наутро до крајот на прославата по огнометот што ќе започне во 11 часот навечер и кој ќе трае 15 минути.

Воената парада по повод прославата на Денот на победата традиционално се одржува на Црвениот плоштад во Москва на секој 9 мај, а оваа година беше одложена за 24 јуни поради пандемијата на коронавирусот. Според претседателот Владимир Путин, овој датум е избран затоа што легендарната парада на победничките војници се одржакла на Црвениот плоштад во Москва на тој ден во 1945 година.

Тој побара од министерот за одбрана да се увери дека никој од учесниците на парадата не е изложен на ризик за заразување со коронавирус.

Претседателите на Франција, Чешка и Хрватска изјавија дека планирале да присуствуваат на парадата на 9 мај, но откако била преместена на 24 јуни, тие ги откажале плановите за патување во Москва. Парадата ќе ја проследат претседателите на Белорусија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Србија, Таџикистан и Узбекистан.