Во Москва се одржа воената парада, по повод одбележувањето на 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. На Црвениот плоштад учествуваа 14.000 војници и на неа беа прикажани 200 воени возила единици и специјална опрема, како и 75 авиони.

Рускиот претседател Владимир Путин од говорницата на најголемата воена парада во руската историја ја повика меѓународната заедница никогаш да не ги заборави заслугите на советската армија во победата над Хитлеровиот фашизам.
– Невозможно е да си претставиме што ќе се случеше со светот доколку не го одбранеше Црвената армија. Советските војници ја ослободија Европа од освојувачите, ја окончаа трагедијата на холокаустот и го спасија германскиот народ од смртоносната идеологија – нацизмот. Наша обврска е да го паметиме тоа – изјави Путин на Црвениот плоштад.

Годинашната парада, која традиционално се одржува на 9 мај беше одложена поради епидемијата на коронавирусот, а се одржа токму на денот кога пред 75 години на Црвениот плоштад била одржана првата воена парада по повод победата.
Претседателите на Франција, Чешка и Хрватска изјавија дека планирале да присуствуваат на парадата на 9 мај, но откако била преместена на 24 јуни, тие ги откажале плановите за патување во Москва. Во таа насока парадата ја проследија претседателите на Белорусија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Србија, Таџикистан и на Узбекистан.