На Нов Зеланд во тек е евакуација на 700 жители од градот Вејкфилд, на Јужниот Остров, поради шумски пожар кој ја погоди областа.

Органите на цивилната заштита отворија спортски стадион како прифатен центар за загрозените, наведувајќи дека можат да примат луѓе кои немаат пријатели и семејство во други места каде што би се засолниле.

Во пожарот, кој избувна во вторникот и се прошири на околу 2.000 хектари, изгоре една куќа. Властите се сомневаат дека го предизвикале искри од некоја земјоделска машина.

Во Вејкфилд, град со 3.000 жители, останале уште луѓе кои чекаат информација дали и тие ќе бидат евакуирани, а многу од нив и сами заминуваат.