Во Франција се одржува втор круг од регионалните избори, што може да го смени односот на „политичките тешкаши“ кои следната година ќе се натпреваруваат во претседателската трка.

Резултатите од првиот круг минатата недела беа разочарувачки за претседателот Емануел Макрон, чија партија веројатно нема да освои ниту еден од 13-те континентални региони на Франција.

Крајно десничарската партија предводена од Марин Ле Пен исто така оствари послаб резултат од очекуваното. Првиот проблем на денот ќе биде излезноста, која беше исклучително ниска во првиот круг. Околу 48 милиони луѓе се поканети на гласање, со строг епидемиолошки протокол, особено поради делта варијантата на коронавирусот.

Со многу мала излезеност, партијата на Марин Ле Пен во првиот круг поведе во само еден регион, а анкетите предвидуваа дека може да освои шест региони. Наместо тоа, традиционалните конзервативци, кои беа поразени од Макрон на претседателските и парламентарните избори во 2017 година, одеднаш се вратија. Тројцата главни членови, сите поранешни министри и сегашни лидери на некои од најнаселените региони во Франција, се кандидираат за реизбор, што според нив ќе биде отскочна даска за претседателските избори во 2022 година.

Ксавиер Бертан од северниот регион От де Франс стана фаворит на конзервативците за претставување на партијата во претседателската трка. Советниците на Макрон сметаат дека поранешниот министер за здравство претставува закана што може да го загрози централно-десничарското гласачко тело на претседателот во првиот круг од изборите во април. Претседателката на регионот Ил де Франс, во кој се вклучени и Париз, Валери Пекрес и Лоран Вакиез од пошироката област на Лион, се уште двајца претставници на конзервативците чиј резултат може да биде одлучувачки дали да го предизвикаат Бертан следната година.

Партијата на Марин Ле Пен продолжува да се надева на освојување на регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег, брегот околу Марсеј и Ница. Освојувањето на тој регион би дал поттик на Ле Пен и платформата да му се спротивстават на Макрон во 2022 година, што би било повторување на дуелот од 2017 година, кој според анкетите, Макрон би го победил повторно, но овојпат со послаба предност.