Американската јавност сè уште е шокирана од експлозијата што се случи денеска на Божиќ во Нешвил, главниот град на сојозната држава Тенеси, јавуваат локалните медиуми.

Според тековните информации, најмалку три лица се повредени, а наводно еден од полицајците привремено го изгубил слухот поради детонацијата. Полицијата соопшти дека очигледно станува збор за намерен чин, а градоначалникот на Нешвил, Џон Купер, рече дека местото изгледа како да експлодирала бомба.

Портпаролот на полициската управа Дон Арон на утринската прес-конференција изјави дека по пријава за сомнителното возило, службениците од Одделот за експлозиви биле испратени во центарот на градот, а набргу потоа, околу 6:30 часот наутро, дошло до силна експлозија поврзана со тоа возило.

Засега не е познато кога сомнителното комбе дошло на Втората авенија во централното подрачје на Нешвил, но се знае дека не било таму синоќа пред 23 часот.

– Веруваме дека експлозијата е намерно предизвикана – рече Арон.

Според американските медиуми, жена сведок на настанот тврди дека слушнала снимена порака емитувана преку разглас, која ги предупредувала луѓето да се евакуираат, пренесува „Њуз ченел 5“.

– Како да слушнавме пет до шест пукања, мислевме дека не е ништо. По пет минути повторно ги слушнавме, па повикав полиција. Слегов долу и го видов комбе и слушнав снимка: „Во ова возило има бомба, евакуирајте се“ – изјавила жената.

Според нејзините тврдења, по некое време снимената порака се променила, па на граѓаните им било порачано дека имаат 15 минути за да се евакуираат.

– Не успеав да видам дали има некој во комбето, но слушнавме снимена порака „Евакуирајте се, во овој автомобил има бомба“. Последното одбројување што го слушнавме беше кога беше соопштено дека ќе експлодира за осум минути, потоа си заминавме – рекла жената сведок на настанот и додаде дека само виделе што се случило подоцна.

Во меѓувреме, претставници на полицијата, ФБИ и пожарникарите се обратиле пред новинарите на самото место и потврдувајќи дека на комбето бил поставен звучник, кој емитувал одбројување.

Органите на редот потврдија дека возилото потоа експлодирало и ја уверувајќи ја јавноста дека наскоро ќе има одговори што точно се случило.