Италијанската политичарка Пјера Ајело (51), која беше приморана да се кандидира анонимно на парламентарните избори, поради заканите од мафијата, неодамна го покажа лицето во јавноста откако доби место во парламентот, пренесува британски „Гардијан“.

– Конечно можам да го погледнам светот в лице и без страв да го покажам моето лице. Ова е како да се враќам во живот. Во овој момент се чувствувам потполно слободно – кажа Ајело, додека позираше за медиумите.

Таа го откри лицето на 13 јуни, по нејзиниот избор во парламентот.

– Ми здодеа да го покривам лицето. Згора, законите дозволуваат сведоците да го покажат лицето, по изборот на јавна функција. Камерите и така се насекаде низ парламентот, па си помислив, зошто да не. Сакав тоа да се случи на Сицилија, каде што почна се – објасни пратеничката.

Животот на Ајело е во опасност откако беше сведок на ликвидацијата на нејзиниот сопруг од страна на двајца убијци на мафијата, во 1991 година. Таа влезе во програмата за заштита на сведоци две години подоцна.

Во март годинава, Ајело учествуваше на изборите како кандидатка на движењето „Пет ѕвезди“ на Сицилија, добивајќи место во парламентот, и покрај тоа што се кандидираше анонимно и под полициска заштита.

Ајело, како заштитен сведок против мафијата, не смееше да го покажува лицето во јавноста, да биде фотографирана, ниту да учествува на активности во кампањата на јавни места. Таа често носеше превез за да го покрие лицето, со што стана позната како „кандидатката без лице“.

Ајело, која е родена во Партана на Сицилија, на 18-годишна возраст беше присилена да стапи во брак со синот на мафијашкиот бос Вито Атрија, во 1985 година. Во 1991 година, еден од ривалите од мафијата одлучи да го убие нејзиниот сопруг. Убиството се случи пред неа, по што Атрија сведочеше против злосторниците, што доведе до апсењето на повеќе членови на организираниот криминал. Храбрата Италијанка влезе во програмата за заштита на сведоци, со што мораше да го смени името и да ја напушти Сицилија.

Ајело и натаму живее под полициска заштита, бидејќи уште е под закана од мафијата, особено откако почна да се залага против организираниот криминал во парламентот, охрабрувајќи ги сведоците да проговорат.

– Имав цел да ги доближам до парламентот условите во кои се приморани да живеат оние што сведочат против мафијата – порача Ајело.

Кај дел од италијанската јавност постои мислење оти Ајело треба да биде назначена за заменик-министерка за внатрешни работи.