Дестабилизацијата на Ирак може многу да влијае и на идните чекори на ирачки Курдистан, кој сега ужива широка автономија во ирачката држава и чие раководство, доколку му се даде можност, со задоволство би го заменило тој статус со сопствена независна држава, оценува „Геополитика“

Ирак од почетокот на октомври континуирано се соочува со големи протести, кои прво го зафатија главниот град Багдад, а потоа и целиот јужен шиитски регион во земјата, но делумно се проширија и на западните региони, населени со сунити. Станува збор за најмасовните антивладини акции уште од 2003 година и соборувањето на режимот на Садам Хусеин, се разбира со помош на големата воена интервенција на САД и нивната коалиција. Покрај борбата против корупцијата, демонстрантите бараат и смена на голем број министри, па дури и на целата влада, на чело со премиерот Адел Абдул Махди. Протестите се проследени со голема антииранска хистерија, како што е палењето ирански знамиња, што е интересно ако се земе предвид дека Ирак, а особено неговиот јужен дел е со мнозинско шиитско население, а токму Иран прв притекна во помош во времето на хаосот по формирањето на сунитската терористичка организација Исламска држава токму на ирачка територија. Сценариото на нова ирачка револуција е посебно опасно поради сложената ситуација во западните и северните мнозинско сунитски делови на земјата, каде што делумно продолжија активностите на Исламската држава, а особено по почетокот на турската операција во соседна Сирија, наведува „Геополитика“.

Исламската држава може да се обиде да ги искористи сегашните масовни безредија во Ирак и преоптовареноста на ирачките безбедносни сили, за да почне со нов бран насилства, како што се оружени напади или бомбашки напади во мнозинско шиитските места и со тоа да поттикне нова граѓанска, односно религиска војна помеѓу шиитите и сунитите. Дестабилизацијата на Ирак може многу да влијае и на идните чекори на ирачки Курдистан, кој сега ужива широка автономија во ирачката држава, и чие раководство, доколку му се даде можност, со задоволство ќе го замени тој статус со сопствена независна држава. Затоа тамошната автономна власт сега со големо внимание го следи сето она што се случува на југот од земјата.

И покрај тоа што политичката компонента е многу присутна во масовните протести во Ирак, поголемиот дел од барањата на демонстрантите е мотивиран од социјалните проблеми, големата невработеност, бавното спроведување на претходно ветените владини реформи, лошите и непопуларни кадровски решенија на сите нивоа на власт, за што сведочи и фактот дека сѐ уште ниту една политичка партија не застана зад демонстрациите. Махди ја загуби довербата на јавноста, а на неговите ветувања повеќе никој не им верува, па над Багдад повторно се појави „мирисот“ на нова арапска пролет, а демонстрантите бараат спроведување вонредни парламентарни избори.

Ситуацијата во Ирак внимателно ја следат и преостанатите актери во регионот. Па така, иако Саудиска Арабија сигурно сака Ирак, како арапска земја, независно од мнозинското шиитско население, сепак да западне под нејзино, а не иранско влијание, Ријад исто така се плаши од преголемата дестабилизација на својот северен сосед и можното прелевање на револуционерните турбуленции и преку својата граница.
Од друга страна, ирачката надворешна политика не им одговора на американските интереси. Пред сѐ, тоа се однесува на стабилниот однос помеѓу Багдад и Техеран, бидејќи Ирак не ја зазеде американската антииранска позиција, туку продолжи со соработката, вклучувајќи го и прашањето за иранскиот нафтен сектор, кој е изложен на силни американски санкции. Багдад исто така е и против американскиот обид за формирање меѓународна коалиција за патролирање на поморските сили во Персискиот Залив и ги повикува арапските сили безбедноста на пловидбата во заливот да ја обезбедат заеднички, во договор со Иран.

Сепак, во целата приказна најинтересен е ставот на Иран, кој е животно заинтересиран за состојбата во соседната држава, преку која може да влијае не само на состојбата во регионот туку и во сферата на производството на нафтата. Ирак, независно од сите внатрешни политички и безбедносни превирања, повторно е стабилен и важен член на клубот на земјите од ОПЕК, каде што најважна улога игра Саудиска Арабија. Но, за разлика од ирачката влада, која во сето ова опортунистички не гледа дело на странски сили, Техеран отворено ги повикува „третите страни“ да престанат да се мешаат во внатрешните работи на Ирак и да поттикнуваат револуција, а ирачкиот народ да застане во одбрана од надворешните сили, заклучува „Геополитика“.