Иако помеѓу Ирак, Либан и Египет има многу разлики, демонстрантите имаат исти поплаки што ги споделуваат милиони лица, особено младите, низ арапскиот Блиски Исток, оценува Би-би-си

Илјадници, а во некои случаи и стотици илјади демонстранти повторно излегоа на улиците во повеќе престолнини на Блискиот Исток, но и во Северна Африка, да протестираат против истите проблеми за кои протестираа и во текот на бранот познат како Арапска пролет. Во Ирак демонстрантите ги губат животите на улиците. Во Либан демонстрантите ја парализираа земјата и на добар пат се да ја соборат владата на премиерот Саад ал-Харири. Египетските безбедносни сили изминатите недели ги сузбија обидите за протести против полициската држава на претседателот Абдул Фатах ал-Сиси. Иако помеѓу Ирак, Либан и Египет има многу разлики, демонстрантите имаат исти поплаки што ги споделуваат милиони лица, особено младите, низ арапскиот Блиски Исток, оценува Би-би-си.

Податоците покажуваат дека околу 60 отсто од населението во регионот се под 30-годишна возраст. Младото население може да биде голема предност за некоја земја, но само ако економијата, образовниот систем и државните институции функционираат доволно добро за да ги задоволат неговите потреби. Младите во Либан, Ирак и низ регионот често се понесени од фрустрациите, кои лесно преминуваат во отворен гнев.
Двете најголеми поплаки се против корупцијата и невработеноста. Ирак важи за една од најкорумпираните земји во светот. Либан има нешто подобар рејтинг, но не многу подобар. Корупцијата е како канцер, ги јаде амбициите и надежите на оние што ќе станат нејзини жртви. Па, така, губитниците во корумпираниот систем може многу брзо да станат гневни, а онаму каде што се вмешани институциите на државата, тоа е знак дека се распаѓа целиот систем. Затоа, во Либан и во Ирак, демонстрантите не бараат само оставка на нивните влади туку тие сакаат целиот систем на владеење да биде реформиран или заменет.

Една од трагедиите на реалноста во Ирак е тоа што насилството стана вообичаен дел од општеството. Па, така, кога демонстрантите излегоа на ирачките улици да протестираат против невработеноста, корупцијата и владата, не помина многу време пред да бидат дочекани со истрели од боева муниција од безбедносните сили. Главна цел на демонстрантите се бастионите на владината моќ, а особено оградената Зелена зона во Багдад. Таа беше центарот на американската окупација, а сега е место каде што се лоцирани владините канцеларии и странските амбасади. Од почетокот на протестите во Багдад, кои набрзина се проширија и во други градови, вклучувајќи го и светиот град Карбала, стотици демонстранти се убиени од безбедносните сили. Од друга страна, демонстрациите во Либан почнаа на 17 октомври, откако Владата се обиде да воведе даноци на тутунот и горивото. Новите даноци беа набрзина укинати, но, како што наведува Би-би-си, веќе беше доцна. Иако на либанските демонстрации има одредена доза хумор, вистинските тензии во земјата полека излегуваат на виделина, со повремени изливи на насилство.

Затоа, со право се поставува прашањето дали е ова нова арапска пролет? Повеќе од сѐ станува збор за знак за незавршените работи што останаа од 2011 година. Востанијата од таа година не ја донесоа слободата што ја посакуваа луѓето што протестираа против диктаторите. Но последиците од бунтот и натаму се чувствуваат, а меѓу нив се војните во Сирија, Јемен и во Либија и многу построгата полициска држава во Египет. Покрај тоа, проблемите што ги поттикнаа востанијата во 2011 година и понатаму се тука, а во некои случаи се и продлабочени. Неуспехот на корумпираните системи да одговорат на потребите на големото и младо население гарантира дека гневот и фрустрациите што стојат зад сегашните демонстрации нема едноставно да исчезнат.