Берни Сандерс (78) ја предупреди Русија да не се меша во американските избори, откако американски разузнавачи го известиле кандидатот за демократска номинација на претседателските избори во САД дека Москва се обидува да помогне во неговата кампања.

Сандерс ја обвини Русија дека се обидува „да предизвика хаос и омраза во Америка“, обраќајќи им се на своите приврзаници во Бејкерсфилд, Калифорнија.

– Еве порака за Русија. Не се мешајте во американските избори – категоричен беше сенаторот од Вермонт, кој порача оти не го интересира кого рускиот претседател Владимир Путин сака да го види како американски претседател.

Претходно „Вашингтон пост“ објави дека американски официјални претставници го информирале Сандерс за активностите на Русија, а исто така ги известиле и претседателот Доналд Трамп и други американски функционери. Кремљ вчера демантираше дека Русија се меша во американските претседателски избори.