Џулијан Асанж во понеделникот беше однесен на суд за да ја продолжи неговата борба против екстрадиција во САД, каде што администрацијата на Доналд Трамп го покрена најопасниот напад врз слободата на медиумите барем во последната генерација, преку неговото обвинение поради објавување на американски владини документи, пишуваат американскиот лингвист, филозоф и еден од најголемите мислители на денешницата Ноам Чомски и авторката и активистка Алис Вокер кои се во тимот што го брани Асанж, за „Индипендент“.

Во следењето на процесот, критичарите на Асанж го коментираа неговиот изглед, гласините за неговото однесување додека беше изолиран во амбасадата на Еквадор и други небитни детали. Ваквите предвидливи оттргнувања на вниманието се вообичаени за тажната состојба во која се наоѓа нашиот политички и културен дискурс. Ако Асанж биде екстрадиран да се соочи со обвиненијата за практикување новинарство и откривајќи ги непрописните постапки на владата, последиците за слободата на печатот и за правото на јавноста да биде информирана ќе бидат катастрофални. Сепак, наместо сериозно да се зафатат со важните принципи од досега незабележаното обвинение со кое се соочува Асанж и можната затворска казна од 175 години, многумина попрво би се фокусирале на профилот на карактерот.

Асанж не е на судење бидејќи возеше скејтборд во амбасадата на Еквадор, за пишувањето на Твитер, за нарекувањето на Хилари Хлинтон „јастреб на војната“ или бидејќи носеше неодржувана брада додека беше одвлечен во притвор од британската полиција. Асанж се соочува со екстрадиција во САД бидејќи објави непобитни докази за воени злосторства во Ирак и во Авганистан, посрамуваќи ја најмоќната нација на планетата. Асанж објави цврсти докази за „начините на кои првиот свет го експлоатира третиот“, според укажувачот Челси Менинг, изворот на доказите. Асанж е на судење поради неговата новинарска работа и неговите принципи, а не поради карактерот.

Веројатно го слушнавте рефренот од добронамерните експерти кои велеа „не мора да ви се допаѓа, но треба да се спротивставите на заканите за негово замолкнување“. Но тој рефрен ја промашува поентата преку засилување на манипулативните тврдења против Асанж.

Кога се воспоставува опасен преседан, владите вообичаено не ги гонат најсаканите светски личности. Тие ги целат оние кои можат да бидат претставени како субверзивни, непатриотски, или едноставно чудни. Тогаш активно ја извитоперуваат јавната дискусија преку нагласување на тие карактеристики.

Ваквите техники не се нови. Откако Даниел Елсберг им достави документи на Пентагон на новинарите за да ги разоткрие лагите на американската влада за Виетнам, „водоводџиите на Белата куќа“ од администрацијата на Ричард Никсон провалија во канцеларијата на психијатарот на Елсберг за да побараат материјал кој може да биде искористен да го дискедитира. Укажувачот од Агенцијата за национална безбедност, Едвард Сноуден беше лажно претставен како соработник на Кинезите, а потоа и на Русите. Опсесијата со психичкото здравје и со половиот идентитет на аналитичарката за воено разузнавање Челси Менинг исто така беше сеприсутна. Преку демонизирање на гласникот, владите се обидуваат да ја затрујат пораката.

Обвинителството ќе биде среќно кога медиумското следење на сослушувањето за екстрадиција на Асанж ќе девалвира во неважни клевети. Малку е важно што брадата на Асанж беше резултат на одземањето на неговиот прибор за бричење или дека информациите за посетата од страна на Пол Манафорт во амбасадата беа фабрикувани. Додека овие тврдења бидат побиени, штетата веќе ќе биде направена. Во најдобар случај, јавната расправа за вистинските прашања ќе биде исфрлена од колосек, а во најлош случај, јавното мислење ќе биде манипулирано во полза на естаблишментот.

Преку оттргнување на вниманието од принципите на случајот, опсесијата со карактерот го истиснува значењето на откритијата на „Викиликс“ и од степенот до кој владите ги сокриваа лошите постапки од своите граѓани. Го тргна настрана откритието од публикациите Асанж од 2010 година за 15 илјади претходно неброени цивилни жртви во Ирак, жртви кои американската армија ќе ги „закопаше“. Го трга настрана фактот што САД се обидуваат да го постигнат тоа за што репсресивните режими можат само да сонуваат – да одлучат за што можат новинарите низ светот да пишуваат, а за што не можат. Го тргна настрана фактот дека укажувачите и самото новинарство, а не само Асанж, се на судење тука.