Подготвил: Игор Даниловиќ

Американците по девет години повторно самостојно испратија астронаути на Меѓународната вселенска станица. Американските астронаути Роберт Бенкен и Даглас Харли, во капсулата „Кру драгон“ на ракетата „Фалкон 9“, на 30 мај полетаа од космодромот во Флорида кон Меѓународната вселенска станица, а НАСА објави: „Историјата е испишана“. Првпат летот го изведе приватна компанија, „Спејс-екс“ на Илон Маск. НАСА нема развиено свое летало од 2011 година. Русија во еден момент имаше монопол во превозот на космонаути и беше своевидна „такси-служба“ за Американците.

Кои беа најчести посетители на Меѓународната вселенска станица пред најновиот самостоен лет на Американците? Податоците на НАСА покажуваат дека мнозинството астронаути што патувале до МВС се повторно Американци, вкупно 151. На второто место е Русија со 48 астронаути, а Јапонија е на третото, со девет. МВС беше лансирана во 1998 година и од 2000 година ја имаат посетено 240 астронаути од 19 земји, посочува Статиста.