Грција е прва во ЕУ според бројот на жртви и повредени во железнички несреќи, а по неа следуваат Унгарија, Литванија, Полска и Хрватска, покажуваат официјалните европски податоци

Грција годишно бележи голем број железнички несреќи, многу од нив со повеќе жртви. Земјата е прва во ЕУ според бројот на жртви и повредени во железнички несреќи, а по неа следуваат Унгарија, Литванија, Полска и Хрватска. Една од главните причини за високиот број жртви во Грција е намалувањето на средствата за одржување во железничкиот сообраќај поради строгите мерки на штедење, покажуваат официјалните податоци и анализи.

Едно истражување на Медитеранскиот институт за истражувачко известување (МИИР) и анализата на достапните европски и грчки официјални податоци покажа дека железничките несреќи се екстремно чести во Грција и дека довеле до загуба на 137 животи во периодот меѓу 2010 и 2018 година. Во истиот период се регистрирани и над 97 тешки повреди предизвикани од железнички несреќи. Поради тоа, Грција постојано се наоѓа на врвот меѓу членките на ЕУ, како земја со највисоки стапки на повреди и смртни случаи.

Според последните достапни податоци од 2018-та, Грција е на првото место во ЕУ во однос на бројот на загинати од железнички несреќи споредено со бројот на километри што ги изминале локалните возови во текот на анализираните години. Ова се смета за валиден и сигурен индикатор за безбедност, бидејќи дава репрезентативна слика за стапката на смртност, што овозможува споредби помеѓу земји со различна големина. Во анализите не се вклучени самоубиствата, бидејќи тие претставуваат посебна категорија. Податоците покажуваат дека најсмртоносни земји во ЕУ, според бројот на жртви и повредени, се Грција, Унгарија, Литванија, Полска и Хрватска.