Постои итност за решавање на прашањето што да се стори со десетиците илјади деца на Исламската држава (ИД) кои се во бегалските кампови и затвори во Ирак и во Сирија. Но речиси сите вклучени во прашањето за репатријација се обидуваат да ги искористат децата, кои веќе се жртви на насилството и нестабилноста околу нив, за сопствени цели, пишува „Форин полиси“.

Во октомври, неколку влади од западните држави, вклучувајќи ги Шведска и Германија испратија делегации во камповите во Сирија, за да разговараат со нивните државјани во врска со можната репатријација на нивните деца. Ниту една од жените со кои тие зборувале не дала согласност за таквата можност, наведувајќи ја потребата за децата да останат со своите мајки. Но жените биле загрижени и дека ќе бидат заборавени од владите, ако ги предадат децата.

Но, дури и жените да се согласат за репатријација на нивните деца, не е јасно како таа би била спроведена. Официјалната политика на Сириските демократски сили кои управуваат со камповите во кои се задржани поранешните припадници и семејства на ИД, наведува дека само сираци и медицински случаи (болни деца со нивните мајки) имаат право да бидат испратени дома. Мајките признаваат дека се обидуваат да ги претстават децата како сираци, но репатријацијата не е лесна ниту за вистинските сираци.

Дури и во ретките случаи во кои детето е вратено заедно со мајката, има обиди за злоупотреба на ситуацијата, каде што мајките се обидуваат да ги уценуваат богатите роднини на семејството на мажот или владите. Забележан е случај во Централна Азија во кој една од жените лажно тврдела дека таткото на детето потекнува од богато семејство. Разузнавачките служби знаеле дека таа лаже, но речиси една година разговарале дали да ја кажат вистината на наводниот дедо на детето.

Битно прашање е и што да се стори со децата на борците на ИД, не само од хуманитарна перспектива, туку и од безбедносна. Бидејќи не се ретки случаите каде што децата им се приклучуваат на нивните татковци во борбата. А додека повеќето држави се обидуваат да ги остават децата заедно со нивните радикализирани родители, некои држави, како на пример Таџикистан, го прават спротивното, раделувајќи ги во обид да ги оттргнат децата од радикалните уверувања.

Истовремено ова се деца од кои светот не треба да се откаже. Тие веќе се во ризик да станат „новото лице“ на ИД, а ако светот ги напушти, дотолку повеќе ќе чувствуваат како да немаат поинаква опција. Токму затоа репатријацијата, со внимание кон дерадикализацијата на децата, е клучно прашање, заклучува „Форин полиси“.