Вакцината за мали сипаници, заушки и рубеола (МРП вакцина) не го зголемува ризикот за аутизам и не активира аутизам кај дека кои има ризик, според најновата студија извршена на над 650 илјади деца, пренесува Си-ен-ен.

Истражувачите искористиле регистар на население за да проценат дали МРП вакцината го зголемува ризикот за аутизам кај деца родени во Данска во периодот меѓу 1999 и 2010 година. Вкупно 657,461 дете биле следени до август 2013 година, а истражувачите ги документирале сите дијагнози на аутизам, како и сите можни ризик-фактори како што е годиштето на родителите, дијагноза на аутизам кај браќа или сестри, прерано раѓање и мала тежина по раѓањето на децата.

Над 95 отсто од скоро 660 илјади деца ја примиле МРП вакцината, а 6,517 биле дијагностицирани со аутизам. Вакцината не го зголемила ризикот за аутизам кај деца кои претходно не се сметале за ризични и не го поттикнала кај оние кои се сметале за ризични, стои во стуијата објавена од страна на медицинскиот журнал „Аналс оф интернал медисин“.

– Оваа идеја дека вакцините предизвикуваат аутизам сè уште добива многу значение на социјалните мрежи – нотираше Андерс Хвид, еден од главните автори на студијата и виши истражувач на „Статенс серум институт“ во Данска.

Со зголемувањето на влијанието и медиумската покриеност на антивакциналните кампањи, кои дури преку познати личности и политичари сеат страв за вакцините, Хвид и неговиот тим сакале да обезбедат точни и прецизни научни докази дека вакцините не предизвикуваат аутизам.

Митот кој ги поврза вакцините и аутизмот излезе од студијата на Ендру Вејкфилд во 1998 година, објавена во медицинскиот журнал „Д Лансет“. Вејкфилд тогаш добил пари од страна на адвокатска канцеларија која има намерала да тужи производители на ММР вакцини, а тој во 2010 година ја загуби лекарската диплома поради својата објава. Во 2011 година, „Д Лансет“ ја повлече студијата по истрагата која покажа дека Вејкфилд менувал и погрешно претставувал податоци за 12 деца кои биле основа за студијата.

Понатамошни истражувања се обидувале да ги повторат резултатите на студијата на Вејкфилд, но и таму не се пронајдени никакви поврзувања меѓу МРП вакцините и аутизмот.

– Моментално, во претходни 17 истражувања од 7 земји на 3 различни континенти, вклучувајќи стотици илјади деца, докажано е дека вакцината не предизвикува аутизам. Мислам дека може да се каже дека вистината излезе на површината – рече лекарот Пол Офит.